Познатиот македонски актер и шоумен Игор Џамбазов јавно реагираше на социјалните мрежи откако неговиот лик и глас биле искористени без дозвола во измамнички реклами за производи за слабеење.
Во својата објава, Џамбазов категорично ги негираше наводите што се шират онлајн, истакнувајќи дека нема никаква поврзаност со производите што се рекламираат. Тој потенцираше дека не ослабел значително, ниту пак користи или продава таблети, чаеви или слични препарати. Дополнително, нагласи дека не познава никаква докторка со името Елизабета, ниту пак некогаш дал согласност неговиот лик или глас да бидат употребени за комерцијални цели.
Според него, ваквите содржини веќе подолг период се појавуваат на Фејсбук. Иако редовно се пријавуваат и отстрануваат, тие повторно се појавуваат за кратко време, што укажува на организирана злоупотреба.
Џамбазов го оцени случајот како сериозен облик на интернет измама и информираше дека веќе се преземаат правни чекори. Неговите адвокати работат на откривање на лицата кои стојат зад овие активности и кои, како што вели, остваруваат добивка на сметка на туѓа доверба и мака.
Веста ја пренесува Fokus.mk

