Меѓународната агенција за енергија предупредува на сериозна глобална енергетска криза што се продлабочува како последица на конфликтите на Блискиот Исток. Во своето обраќање, агенцијата апелира до владите, компаниите и граѓаните итно да преземат чекори за намалување на потрошувачката на енергија.
Како дел од препораките, се предлага каде што е возможно да се работи од дома, да се избегнува користење гас за готвење и да се намали брзината на автопатиштата.
Според анализите, постојат повеќе мерки со кои може да се ублажат економските последици од нарушувањата на нафтениот пазар. Тие опфаќаат промени во транспортот, авио-сообраќајот, домаќинствата и индустријата, особено во услови на зголемени тензии околу снабдувањето со дизел, авионско гориво и течен нафтен гас.
Агенцијата посочува дека конфликтот во Персискиот Залив предизвикал еден од најголемите прекини во снабдувањето со нафта досега. Сообраќајот низ Ормускиот Теснец, преку кој нормално минува околу една петтина од светската нафта, е драстично намален.
Дневно низ овој теснец поминуваат околу 20 милиони барели нафта и нафтени деривати. Намалувањето на овие количини доведе до сериозен притисок врз пазарот, при што цената на суровата нафта надмина 100 долари по барел, а дополнително пораснаа и цените на дериватите како дизел, керозин и течен нафтен гас. Според агенцијата, нормализирањето на транспортот низ теснецот е клучно за стабилизирање на состојбата.
Фокус на намалување на потрошувачката
Иако земјите-членки веќе пуштија околу 400 милиони барели нафта од стратешките резерви – што претставува најголемо ослободување досега – од агенцијата нагласуваат дека тоа не е доволно.
Тие потенцираат дека мерките за зголемување на понудата не можат целосно да го надоместат недостигот, па затоа намалувањето на потрошувачката е најбрзиот и најефикасен начин за намалување на притисокот врз граѓаните и обезбедување енергетска стабилност.
Посебно внимание се става на патниот сообраќај, кој учествува со околу 45 проценти во глобалната потрошувачка на нафта. Се препорачува поголемо користење јавен превоз, споделување возила, ограничување на возењето во градовите (на пример, систем пар-непар), како и намалување на брзината на автопатиштата.
Помалку летање и премин кон електрична енергија
Дополнително, се предлага намалување на авионските патувања таму каде што постојат алтернативи, како и поголема флексибилност во индустриското производство со цел намалување на зависноста од фосилни горива.
