Израелските власти донесоа одлука за целосно и неограничено затворање на Црквата на Светиот Гроб, што предизвика силни реакции меѓу христијанските заедници ширум светот. Ова е првпат во историјата на христијанството овој свети храм да биде затворен на ваков начин, особено во пресрет на најважните празници.
Според информациите, сите богослужби за време на Страсната седмица и Велигден се откажани, вклучувајќи неделни литургии и масовни собири на верници. Храмот, кој во овој период обично привлекува стотици илјади поклоници, останува празен и затворен.
Претставници на Ватикан заедно со источните христијански цркви итно се обидуваат да издејствуваат повторно отворање, водејќи разговори со израелските власти. Од израелска страна, мерката се оправдува со безбедносни причини, но од Ватикан ваквото образложение се оспорува, тврдејќи дека станува збор за ограничување на верските слободи.
Има извештаи дека свештени лица биле спречувани да влезат во храмот и да ги извршуваат секојдневните обреди. Според црковни извори, масивната двокрилна врата на храмот, која со векови ја штити внатрешноста, никогаш досега не била затворена толку долго без прекин.
Низ историјата, и покрај војни, политички тензии и дури и глобални кризи, пристапот до ова свето место бил ограничуван, но никогаш целосно не биле прекинати литургиските служби на неопределено време.
Овој развој на настаните отвора сериозни прашања за верските права и предизвикува загриженост меѓу христијаните, кои сè погласно повикуваат на реакција и заштита на своите свети места.
