Жителите на Кливленд во САД беа вознемирени откако утрово на небото се појави огромна светлечка топка – метеор со тежина од околу седум тони. Небесното тело се движело со огромна брзина од над 72.000 километри на час, пред да се распадне со силен звук што потсетувал на грмеж.
Сведоци од повеќе американски сојузни држави пријавиле дека околу 9 часот наутро забележале силно светло кое брзо минувало низ небото. Според Американското метеорско друштво, вакви пријави пристигнале од подрачја од Висконсин до Мериленд.
Подоцна, НАСА потврди дека станува збор за метеор со дијаметар од речиси 1,8 метри. Астрономите објаснуваат дека ваквите појави се познати како „огнени топки“, односно поголеми метеори кои навлегуваат во атмосферата и создаваат силен светлосен ефект.
Според податоците, метеорот првпат бил забележан на височина од околу 80 километри над езерото Ири, во близина на Лорејн. Патувал повеќе од 50 километри низ атмосферата пред да се распадне над подрачјето на Вали Сити.
Научниците ги следат ваквите појави преку специјални камери поставени за набљудување на ноќното небо, но во последно време сè почесто граѓаните ги снимаат со мобилни телефони и безбедносни камери, што помага во подобро документирање на ваквите спектакуларни настани.
