Голема трагедија се случи во округот Јаши во Романија, каде предвремено родено бебе почина додека семејството чекало да пристигне Брзата помош. Санитетското возило не можело да стигне до куќата бидејќи заглавило во кал на земјен пат.
Ова е веќе втора ваква трагедија во истиот регион за помалку од еден месец, а локалните жители велат дека главната причина е лошата состојба на патот кој по дожд станува речиси непрооден.
Според сведочењата на роднините, новороденчето се родило живо и дишело, но починало пред медицинската екипа да успее да стигне до селото.
Мајката на бебето, 19-годишната Ана Марија, добила силни контракции околу еден часот по полноќ. Нејзината мајка веднаш повикала Брза помош. Вообичаено, медицинските екипи пристигнуваат за околу половина час, но овој пат патот бил непрооден.
Околу два километри пред куќата, возилото на Брзата помош заглавило во калта. Во меѓувреме биле испратени уште две екипи кои се обиделе да пристигнат по алтернативни патишта.
Бабата на бебето раскажува дека детето живеело околу петнаесет минути.
„Бебето се роди живо. Додека медицинската екипа стигна со инкубаторот, веќе беше предоцна. Да беше патот подобар, сигурно ќе стигнеа навреме“, изјавила таа.
Лекарите пристигнале на местото на настанот речиси час и половина по повикот за помош.
Според портпаролот на Брзата помош, Николае Пралеа, бебето било пронајдено во кардио-респираторен застој.
„Реанимацијата траеше околу 40 минути, според медицинскиот протокол, но за жал не успеавме да го спасиме. Предвремено родените бебиња бараат посебни услови и секоја секунда е од огромно значење“, изјавил тој.
Бабата на детето тврди дека, покрај целата трагедија, морала и сама да го носи бебето до лекарите.
„Кога санитетот заглави на половина пат, ми рекоа да се симнам со детето во раце затоа што тие не можеа да продолжат понатаму“, раскажала таа.
Медиумите потсетуваат дека кон крајот на февруари на истиот пат починала и 53-годишна жена, бидејќи Брзата помош не можела да стигне до неа поради калта.
Патот е долг околу шест километри и иако се води како окружен, всушност е земјен и многу тешко прооден, особено во периоди кога се топи снегот или има обилни врнежи.
Локалните жители предупредуваат дека ваквата состојба претставува сериозен ризик за сите кои имаат потреба од медицинска помош.
Градоначалникот на општината изјавил дека со години испраќаат барања за реконструкција на патот, но дека досега добивале само формални одговори.
„Не можам да поверувам дека во 2026 година луѓе умираат поради лош пат. Поднесовме бројни барања, но конкретна акција сè уште нема“, изјавил тој.
Од окружните власти велат дека проект за асфалтирање постои, но дека моментално нема доволно средства. Според нив, изградбата на асфалтен пат чини околу еден милион евра по километар, а за овој дел би биле потребни околу пет милиони евра.
Според податоците, дури една четвртина од јавните патишта во Романија сè уште се покриени со камен или земја.
