Регионалниот суд во Виена донесе строга пресуда против родители со потекло од Балканот, кои беа обвинети за обид за убиство на своето двомесечно бебе. Судот го осуди таткото на 20 години затвор, додека мајката доби 10 години затворска казна поради помагање и неподготвеност да го заштити детето.
Според утврденото од судот, 33-годишниот татко во периодот од април до мај 2025 година повеќепати силно го тресел бебето, што довело до сериозни повреди. Кај детето биле констатирани крварење во мозокот и повеќекратни скршени ребра.
Мајката, која има 38 години и работи како медицинска сестра, била прогласена за виновна затоа што не реагирала и не презела ништо за да го заштити своето дете од насилството.
Судот исто така одлучил таткото да биде сместен во специјален форензичко-терапевтски центар, бидејќи кај него бил утврден антисоцијален пореметување на личноста. Покрај затворските казни, на двајцата родители им е наложено на детето да му исплатат и отштета од 30.000 евра.
И покрај обвиненијата, двајцата родители на судењето изјавиле дека не се чувствуваат виновни. Адвокатот на мајката тврдел дека таа за време на бременоста била жртва на насилство од својот тогашен партнер, кој ја тепал и удирал во стомакот, па од страв не реагирала за да му помогне на детето.
Случајот бил откриен во мај 2025 година, кога родителите го однеле бебето во болница поради здравствени проблеми. При лекарскиот преглед биле забележани сериозни повреди, вклучувајќи крварење во мозокот и мрежницата, како и скршени ребра.
Детето веднаш било оперирано, а лекарите предупредиле дека повредите може да остават долготрајни последици врз видот и когнитивните способности. Пресудата сè уште не е правосилна, бидејќи одбраната побарала дополнително време за поднесување жалба.
