Фото: Принтскрин
Почина Драган Пароски, кој луѓето го познаваа како чичко Драги од Рекорд, а веста ја објави Тина Алексовска на социјалните мрежи.
„Бев дете, можеби 3, 4 години, се подигав на прсти на балконот од нашиот стан на Рекорд и секогаш вниманието ми го зимаше тезгата на чичко Драги која беше во пролазот каде што е сега Министерство за правда… Кога ќе дојдеше сонцето до тезгата сите ланчиња светкаа… во тоа време чичко Драги продаваше многу убави работи… А со него имаше една многу убава плава девојка со која потоа се разделија. Секое поминување покрај неговата тезга тој ни даваше ластичиња за коса во разни бои, а потоа и шнолички. Се љутеше кога му остававме пари.
Годините си поминуваа тој остана сам на Рекорд, имаше денови кога трчав да видам дали му е добро… пред некоја година во најголемиот снег ми кажаа дека е на операција на Уво нос и грло, земав такси и го побарав… Право налетав на докторот кој го познавам и ми ја покажа собата на чичко Драги, тој па кога ме виде почна да плаче, почна да ми покажува со раце дека го оперирале и дека повеќе неможе да збори…
Поминуваа годините со лифчиња се разбиравме, ми пишуваше што му треба… а потоа јас заминав во Германија.
Во последно време му помагаа добрите луѓе, за кучињата, гулабите па и за него. Денес ми јавија дека починал. Не издржал човекот кој цел живот го помина на Рекорд.
Навистина се е суета, а животот е сенка и сон, та напразно толку се потресува секој човек роден на земјава, како што вели Св. Писмо: кога светот ќе го придобиеме, тогаш во гроб ќе се вселиме, кај што се заедно царевите и сиромасите. Затоа Христе Боже, починатиот раб Твој чичко Драги упокој го како Човекољубец…
Сочуство до фамилијата. Нека почива во мир, ќе фали на Рекорд“, пишува Алексовска.
