Здружението за заштита на животните Анима Мунди реагира по видео-снимка на која се гледа како маж остава пет мали кученца на улица, одвоени од нивната мајка, која според информациите е во негова сопственост.
Како што информираат од здружението, снимката им била доставена од граѓани, а на неа се слуша и случајна минувачка која го прашува човекот зошто ги напушта животните и му посочува дека постојат можности за бесплатна стерилизација. И покрај тоа, кученцата биле оставени без грижа, изложени на глад, болести и други опасности.
Од „Анима Мунди“ оценуваат дека ваквото однесување е неодговорно и директно придонесува за зголемување на бројот на бездомни животни. Според нив, проблемот не може да се реши со собирање на последиците, туку со спречување на причините.
Тие посочуваат дека секое нестерилизирано животно може да доведе до експоненцијално зголемување на популацијата, поради што мерки како привремено згрижување, дислокации или еутаназија не даваат долгорочни резултати. Наместо тоа, велат, се создава т.н. „вакуум ефект“, при што испразнетиот простор повторно се пополнува доколку не се контролира изворот на проблемот.
Од здружението нагласуваат дека не се потребни повеќе стационари, туку систем што ќе го намалува приливот на нови бездомни животни. Бараат измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, масовна едукација за одговорно сопствеништво, бесплатни и субвенционирани стерилизации – особено за социјално ранливите категории – засилен инспекциски надзор и построги санкции за напуштање и неконтролирано размножување.
Според нив, доколку станува збор за лице во социјален ризик, институциите треба да понудат помош, но ако станува збор за свесно напуштање, мора да има одговорност.
Веста ја пренесува „Слободен печат“.
