Фото: Драмски Театар - Скопје
Македонија загуби една од своите најзначајни актерки – Ленче Делова, која со своето дело остави неизбришлив белег во македонскиот театар, филм и телевизија. Нејзиното име повеќе од пет децении беше синоним за квалитет и посветеност на сцената на Драмски театар – Скопје.
Родена на 15 јуни 1948 година во Скопје, Делова уште како тинејџерка го открила светот на актерството. Во 1964 година, со само 16 години, дебитирала како аматер на сцената на тогашниот Драмски младинско-детски театар, почнувајќи пат кој подоцна ќе се развие во долгогодишна и плодна кариера.
Во 1970 година се приклучила на ансамблот на Драмски театар – Скопје, каде што останала до своето пензионирање во 2013 година.
„Со длабока тага и неверување ја примивме веста дека почина нашата драга колешка и актерка, Ленче Делова.
Нејзиниот талент, топлина и насмевка ќе останат засекогаш во нашите срца и спомени. Театарот загуби уметник, а ние – пријател и прекрасен човек.
Почивај во мир“, објавија од театарот.
