Фото: Принтскрин
Студентскиот дом „Неџариќи“ денеска е обвиен во тишина и тага. Пред влезот гори свеќа, како симбол на жалост поради трагичната несреќа што вчера го потресе Сараево, кога во трамвајска несреќа животот го загуби младиот студент Ердоан Моранкиќ од Брчко, пренесува „Аваз“.
Неговите колеги и пријатели од домот не ја кријат болката. За Ердоан имаат само пофални зборови – ќе го паметат како талентиран уметник, но пред сè како искрен, ведар и лојален пријател. Велат дека оставил длабока трага кај сите што го познавале.
Според информациите што ги наведува „Аваз“, Ердоан имал брат близнак со кого бил исклучително поврзан. Како што раскажуваат блиски лица, братот наводно почувствувал дека нешто необично се случило уште пред да пристигне официјалната потврда за страшната вест. Болната вистина набрзо била потврдена.
Нивните родители синоќа пристигнале во Студентскиот дом „Неџариќи“, ги земале неговите лични работи и, според неофицијални информации, се вратиле во Брчко.
Станарите на домот одлучиле во наредните денови да не пуштаат музика, во знак на почит кон починатиот колега. На самиот влез е запалена свеќа, а тишината што владее низ ходниците зборува повеќе од зборови.
Да потсетиме, трагедијата се случи вчера нешто пред пладне, кога трамвај во Сараево излетал од шините, што довело до несреќа со смртен исход и ја вознемири јавноста во главниот град.
Детали погледнете ТУКА.
