Владата и синдикатите постигнаа договор за значително зголемување на платите за дел од државната администрација, при што околу 11 илјади вработени до 2028 година ќе добијат покачување од речиси 40 отсто. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски по средбата со синдикалните претставници.
Според премиерот, финансиските анализи покажуваат дека во наредните три години ќе бидат потребни околу 10 милиони евра дополнителни средства годишно. Тој нагласи дека парите ќе се обезбедат преку подобра организација на буџетот, јакнење на фискалната дисциплина и зголемување на наплатата, без зголемување на даноците.
„Нашата цел не е воведување нови даноци, туку намалување на сивата економија и подобрување на приходите во буџетот. Она што е договорено ќе биде реализирано, но паралелно очекуваме и поквалитетна услуга од администрацијата кон граѓаните и бизнисот“, истакна Мицкоски.
Премиерот го оцени договорот како преседан во досегашната пракса, нагласувајќи дека првпат се поставува долгорочен и јасен план за усогласување и раст на платите до ниво што, како што рече, обезбедува поголемо достоинство за вработените.
Воедно, Мицкоски најави подготвеност на Владата за разговори околу нов општ колективен договор, кој би бил единствена основа за пресметка и исплата на платите. Според него, таквиот пристап би бил корисен и за работниците и за институциите, а најмногу за граѓаните и државата.
Претседателот на синдикатот УПОЗ, Трпе Деаноски, изјави дека по повеќе од една година преговори е постигнат договор, но дека сè уште треба да се допрецизира текстот на колективниот договор и да се потпишат поединечните договори за вработените.
„Со ова, околу 10 илјади вработени во управата и правосудството конечно ќе добијат јасна методологија за покачување на платите“, рече Деаноски.
На состанокот присуствуваше и претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството, Благоја Ралповски, кој оцени дека договорот претставува значајна и историска придобивка за вработените во јавната администрација.
