Семејството на украинскиот војник Назар Далецки доживеа неверојатен пресврт по три години и девет месеци на неизвесност. Во 2023 година, мислејќи дека го изгубиле, тие го погребаа неговото тело на селските гробишта во западна Украина. Но, оваа недела, Назар се јави на мајка си – исцрпен, но жив – по што беше ослободен од руски затвор во рамките на последната размена на заробеници, јавува Би-Би-Си.
На видеоснимката од првиот повик, Наталија, мајката на Назар, не можеше да ја скрие среќата. „Имаш ли раце, нозе, сè е на место?“ прашува таа. „Злато мое, толку долго те чекав“, одговори таа на првите зборови на својот син. Во позадина, неговата братучетка, Роксолана, вреска од радост.
„Го погребав синот, а сега го слушам неговиот глас. Неопислива среќа“, призна Наталија, уште потресена од шокот.
Назар, кој имал 42 години кога Русија започнала инвазија во 2022, се вратил на фронтот како искусен борец. Тој исчезнал во мај истата година, а семејството било известено дека неговото тело е идентификувано со ДНК примерок и погребано.
Минатиот септември дошло до неверојатен пресврт – војник кој бил ослободен од руско заробеништво им јавил дека го видел Назар жив. Семејството не можело да поверува сè додека не го слушна лично.
Сега, семејството го подготвува синот за повторна средба. Наталија веќе го готви неговото омилено домашно јадење и се подготвува да го прегрне.
„Само сакам повеќе вакви приказни. Да се вратат повеќе семејства дома“, изјави Роксолана.
Во Украина официјално се водат околу 70.000 исчезнати, најголемиот дел војници, а приказната на Назар претставува светол зрак надеж за многумина.
