Глобална загриженост се прошири по серијата повлекувања на бебешки формули од познати светски производители, откако во Франција се истражуваат два смртни случаи на доенчиња кои консумирале спорни производи. Во Белгија, пак, е потврдено заболување кај бебе поради присуство на опасниот токсин цереулид, јавуваат европските медиуми.
Контаминацијата, според првичните информации, потекнува од производствен капацитет во Холандија, каде била употребена суровина од кинески добавувач, загадена со бактеријата Bacillus cereus. Поради тоа, во повеќе од 60 држави започна итно повлекување на формули под брендовите SMA, Beba, Guigoz, Alfamino, како и други производи на компанијата „Нестле“.
Иако во Македонија засега нема потврда дека спорните серии од овие брендови се пласирани, институциите апелираат родителите внимателно да ги проверуваат сериските броеви и потеклото на формулите што ги користат.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) официјално информираше дека итно се повлекува од македонскиот пазар млекото за доенчиња „Aptamil AR 2“ (ENG 24×400 g), серија 2027.01.02, поради утврдено присуство на токсинoт цереулид. Производот е со потекло од Ирска и бил увезен во вкупна количина од 912 парчиња.
Од АХВ соопштија дека по добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна на ЕУ, биле спроведени вонредни инспекциски контроли кај увозникот, при што било утврдено дека целата количина веќе е дистрибуирана на македонскиот пазар. Поради тоа, започнато е итно повлекување на производот од продажба.
Како извор на контаминацијата, во европската нотификација е наведено маслото ARA. Токсинот цереулид е исклучително отпорен на топлина, а симптомите на труење се појавуваат брзо – од 30 минути до три часа по консумирањето.
Најчести симптоми се нагло и силно повраќање, како и водена дијареја, кои можат лесно да се помешаат со обична стомачна инфекција. Здравствените власти апелираат родителите веднаш да побараат лекарска помош доколку забележат каква било промена во состојбата на бебето.
Во однос на повлекувањето на други формули од компанијата „Нестле“ во Европа, од АХВ информираат дека во моментов се проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега нема официјално известување за нивно присуство на македонскиот пазар.
„Агенцијата континуирано ја следи состојбата и доколку се појави нов ризик, ќе реагира навремено со сите неопходни мерки за заштита на здравјето и животот на најмладите“, соопштија од АХВ.
