Фото: Принтскрин
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не ја исклучува можноста земјите од Западен Балкан да се најдат на ист пат кон членство во Европската Унија заедно со Украина, преку забрзана и посебна постапка која моментално се разгледува во европските кругови.
Говорејќи во емисија на Федералната радиотелевизија на Босна и Херцеговина, Вучиќ посочи дека во случај регионот да стане дел од Европската Унија – или од некаков поширок европски сојуз – националните граници би ја изгубиле својата тежина и значење.
Според него, во рамки на напорите за ставање крај на војната во Украина, се подготвува модел кој би ѝ овозможил на таа земја да добие европско членство од 1 јануари 2027 година. Вучиќ смета дека токму ваквиот пристап може да претставува шанса и за државите од Западен Балкан кои сè уште не се дел од ЕУ.
„Се залагав за тоа решение, не само во интерес на Србија, туку и за Босна и Херцеговина и Северна Македонија“, нагласи српскиот претседател.
На прашањето дали ваквото сценарио е остварливо во реалноста, Вучиќ одговори дека не може со сигурност да тврди, но потенцираше дека ваквата опција не треба да се исклучи однапред.
