Голем потпорен ѕид се урна утрово кај штипската болница и падна врз паркирани автомобили, предизвикувајќи значителна материјална штета. За среќа, во инцидентот нема повредени лица, објави Мнет.
Од снимките и фотографиите од местото на настанот се гледа дека големи бетонски блокови, земја и камења го затрупале најмалку едно возило, додека врз друго паднала тешка метална ограда. Едно од автомобилите е речиси целосно покриено од урнатините.
Една жена која дошла на преглед во болницата раскажа дека токму кога го оставиле возилото и се упатиле кон влезот, слушнале силен звук, а потоа виделе дека ѕидот се урнал врз автомобилот.
https://www.slobodenpecat.mk/video-padna-potporen-dzid-kaj-shtipskata-bolnica-i-smachka-dve-koli/– „Паркиравме и едвај што тргнавме нагоре, слушнавме голема врева. Кога се свртевме, беше страшно. На среќа, се поправа, најважно е да сме живи и здрави“, изјави Крстевска.
На местото веднаш интервенираа екипи од СВР Штип за регулирање на сообраќајот на улицата „Љубен Иванов“, која води кон главниот влез на болницата. ЈП „Стипион“ ги отстрани урнатините, а сообраќајот веќе се одвива нормално.
Очевидци велат дека свлечиштето се случило поради интензивни врнежи и зголемена влага во земјиштето. Веста ја пренесува Слободен Печат.
