Фото: Ali Ahmeti/Facebook
Пратеничката Дафина Стојаноска остро реагираше на јавните тврдења на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека со премиерот Христијан Мицкоски наводно имал договор за предвремени парламентарни избори уште пред една година.
Според Стојаноска, Ахмети свесно ја изоставува вистината поврзана со средбата која, како што тврди таа, се одржала во нејзината канцеларија. На таа средба, Ахмети понудил влез на ДУИ во Владата под значително поблаги услови од претходно изнесените барања.
„Али Ахмети бил подготвен да стане дел од владината коалиција без да инсистира на претседателското место во Собранието, па дури и со едно министерско место помалку од барањата што ги постави коалицијата Влен – само за да биде дел од извршната власт“, наведува Стојаноска.
Таа појаснува дека таквата понуда била јасно одбиена, бидејќи ставот на парламентарното мнозинство бил недвосмислен – волјата на граѓаните изразена на изборите била ДУИ да ја преземе улогата на опозиција.
„Ние останавме доследни на пораката од народниот глас. Демократската унија за интеграција треба да оди во опозиција“, истакнува Стојаноска, додавајќи дека јавноста секогаш ќе ја слушне вистината, без оглед на обидите за нејзино прикривање.
Во продолжение на нејзината реакција, Стојаноска оценува дека изјавите на Ахмети претставуваат обид да се запре падот на поддршката и ерозијата во сопственото членство, во момент кога ДУИ се соочува со сериозни внатрешни и политички проблеми.
„Пред да изнесува невистини, нека размисли добро. Ние нема да молчиме – ќе одговараме со факти и вистини“, порача Стојаноска.
Овие изјави дополнително ја загреваат политичката атмосфера меѓу власта и опозицијата, во период во кој се интензивираат шпекулациите за нови политички прегрупирања и можни изборни сценарија.

