Шпанската истражна комисија за железнички несреќи ја означи како веројатна причина за тешката трагедија во јужниот дел на земјата – пукната шина. Несреќата се случи во неделата вечерта, при судир на два брзи воза во близина на Адамуз, во провинцијата Кордоба, што резултираше со 45 загинати.
Повеќе од 120 патници се повредени, а дел од нив се во критична состојба. Според првичните податоци, последните вагони на возот на „Ирио“ (Iryo) излетаа од шините и завршија на соседната пруга. Тогаш во нив удри возот на „Ренфе“ (Renfe), кој се движел од спротивна насока со повеќе од 200 км/ч.
Во петокот, Комисијата за истрага на железнички несреќи (CIAF) објави прелиминарен извештај во кој се наведува дека на тркалата на возот на „Ирио“ се откриени оштетувања на површините. Според експертите, овие засеци и деформацијата на шините укажуваат дека пукнатината била присутна уште пред возот да помине.
Исто така, слични знаци на оштетување се забележани и на тркалата на три други возови кои поминале на истата делница непосредно пред несреќата.
Сега примероците од шините се анализираат во металографска лабораторија за да се утврди точниот извор на дефектот. Комисијата нагласува дека истрагата е во тек и дека не се исклучуваат и други можни причини.
