Почина 79-годишната жена од Битола која минатата недела беше брутално нападната од својот 28-годишен внук во семејниот дом. Трагичниот настан се случил на 17 јануари на улицата „Лавчанска корија“, а жената денеска беше погребана на Светонеделските гробишта во Битола.
Жртвата им подлегнала на тешките повреди што ги здобила при нападот – обемни крвавења и нагмечувања на мозокот, скршени ребра и сериозни повреди на коските. Таа била пронајдена во бессознание и итно пренесена во Клиничката болница во Битола, каде и покрај лекарските напори, по неколку дена починала.
Од Основното јавно обвинителство Битола информираат дека осомничениот, нејзиниот внук со иницијали Т.Р., претходно ја блокирал влезната врата од куќата, спречувајќи ја да избега. Потоа ја удирал со раце по главата и телото сѐ додека таа не ја изгубила свеста.
Поради начинот и интензитетот на нападот, обвинителството го гони осомничениот за обид за кривично дело убиство, согласно член 123 став 2 точка 2, во врска со член 19 од Кривичниот законик.
По извршувањето на делото, напаѓачот избегал, но бил лоциран и уапсен од полицијата во казино во Битола. По предлог на јавен обвинител, судот му одреди мерка притвор, а со посебно решение тој е испратен на задолжителна психијатриска опсервација и вештачење во болницата во Демир Хисар, во траење од најмалку еден месец.
