Фото: Ali Ahmeti/Facebook
Пратеничката група на ДУИ потврди дека ќе ја поддржи измената на Законот за прекршоци, позната како „Сејф сити“, која треба да се најде на дневен ред на петочната седница. Овој систем е планиран да почне со работа на почетокот на февруари.
Координаторката на пратеничката група, Рина Ајдари, од собранискиот прес-центар истакна дека интегративците ќе гласаат за законот, но дека очекуваат МВР да ги разгледа и да одговори на нивните забелешки и сугестии поврзани со законското решение.
Од СДСМ, пак, велат дека како конструктивна опозиција секогаш се подготвени да поддржат добри законски решенија, но дека имаат забелешки што треба да се разгледаат. Главните точки на дискусија, според партијата, се висината на казните и гаранциите за заштита на податоците што ќе се собираат преку системот, со цел да се спречи нивна злоупотреба од страна на власта.
СДСМ нагласува дека Собранието е вистинското место за дебата и дека, доколку е потребно, може да се одложи примената на законот за еден или два месеци, со цел да се постигне договор за подобри законски решенија.
Во меѓувреме, МВР информираше дека денеска започнува тестирањето на камерите за „Сејф сити“, кое ќе трае до 31 јануари, секој ден од 8 до 20 часот.
Токму оваа тема за Законот за прекршоци беше дел од лидерската средба, на која лидерот на СДСМ, Филипче, не присуствуваше, но претходно укажуваше дека дискусиите за важни закони треба да се водат во Собранието.
Останатите лидери разговараа и за други прашања, а првиот човек на ДУИ најави и средба со Мицкоски за прашања поврзани со Бадентер и гласањето на законот за влада. И покрај тоа, одлуката за „Сејф сити“ интегративците ја донесоа пред да се одржи средбата.
Сепак, сѐ уште нема конечен договор за изборот на Народен правобранител, бидејќи ДУИ инсистира на ново име, наместо предложеното.
