Република Српска официјално доби нов владин состав, откако на вонредна седница на Народното собрание беше изгласана новата Влада. За премиер повторно е избран Сaво Маниќ, кадар на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД).
На седницата присуствуваа 51 пратеник од вкупно 83, а поддршка за новиот кабинет дадоа 49 пратеници. Опозициските партии не учествуваа во гласањето. Во новиот владин тим се вклучени и петмина нови министри.
До изборот на новата извршна власт дојде еден ден откако Народното собрание ја прифати оставката на досегашниот премиер, со што автоматски заврши мандатот на целата влада. Веднаш потоа беше свикана специјална седница за избор на нов кабинет.
Маниќ ја поднесе својата оставка на 15 јануари, а истиот ден повторно беше предложен за мандатар од страна на вршителката на должност претседател на Република Српска, Ана Тришиќ Бабиќ.
Политичката ситуација се одвива во напната атмосфера, само неколку дена пред закажаната седница на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, која треба да се одржи на 22 јануари. Судот ќе расправа по жалба поднесена од група бошњачки пратеници, кои ја оспоруваат законитоста на именувањето на Маниќ за мандатар.
Според нивните тврдења, номинацијата е проблематична бидејќи е поврзана со лидерот на СНСД, Милорад Додик, кому претходно му беше одземен мандатот на претседател на Република Српска по одлука на Централната изборна комисија на БиХ, врз основа на пресуда со која му е изречена затворска казна и забрана за вршење јавна функција.
Уставот на Република Српска предвидува дека исклучиво претседателот на ентитетот има право да предложи мандатар, што дополнително ја продлабочува правната и политичката дебата околу легитимитетот на новата влада.
