Охридската јавност е во шок по трагичната смрт на младиот фотограф и видео-продуцент Кристијан Љушев (28), чие загинување остави силен белег кај неговите пријатели, соработници и пошироката јавност.
Според информации објавени утрово, несреќата се случила при пад од петти кат во објект во изградба, каде што се наоѓал лифт. Околностите под кои дошло до падот засега не се целосно разјаснети.
По несреќата, Љушев бил итно пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Инцидентот се случил околу 15:00 часот, а медицинскиот тим вложил максимални напори за да му го спаси животот. За жал, и покрај обидите за реанимација, младиот охриѓанец им подлегнал на повредите.
На социјалните мрежи, неговите најблиски се простуваат со трогателни пораки, опишувајќи го како исклучително талентиран човек, целосно посветен на фотографијата и видеопродукцијата.
Кристијан Љушев беше сопственик на продукцијата „Шпанец“, зад која стојат бројни реализирани проекти, документарни содржини, видео-спотови и медиумски материјали, поради што важеше за едно од препознатливите имиња во креативната сцена во Охрид и пошироко.

