Тажна вест ја потресе јавноста во Охрид и пошироко. Во трагичен настан што се случил во текот на денешниот ден, животот го загуби младиот снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев, на само 28 години (21.04.1997 – 12.01.2026).
Според досегашните информации, несреќата се случила во станбена зграда во изградба. Околностите под кои дошло до трагедијата сè уште не се официјално потврдени, но неофицијално се наведува дека лицето паднало во окно од лифт.
Повредениот бил итно пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде околу 15:00 часот лекарските екипи направиле обиди за негова реанимација. За жал, и покрај напорите на медицинскиот персонал, Кристијан им подлегнал на тешките повреди.
Од СВР Охрид информираат дека повеќе детали за настанот ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден, по завршување на увидот и истражните постапки.
Кристијан Љушев беше дел од новата генерација македонски визуелни автори, препознатлив по својот талент, креативност и исклучителна посветеност. Зад себе остави богато портфолио и бројни реализирани проекти – од реклами и документарни филмови, до музички видеа и интернационални продукции.
Како автор и соработник, работеше на видео спотови за повеќе познати музички имиња, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз, групата Марама, како и за други уметници од домашната сцена.
Особено значајни беа неговите проекти посветени на традицијата, културата и духовното наследство на Охрид и регионот, вклучувајќи и видеа поврзани со Бигорскиот манастир.
Веста за неговата ненадејна смрт предизвика неверување, тага и шок меѓу колегите, пријателите и бројните соработници.
„Кристијан беше човек со огромна позитивна енергија и ретка посветеност. Секогаш даваше сè од себе и оставаше печат во секој проект. Неговото заминување е ненадоместлива загуба“, изјави неговиот стрико и близок соработник Томе Љушев – Шпанец.
Тој додаде дека продукцијата „Шпанец“ никогаш повеќе нема да биде иста без Кристијан, чиј препознатлив стил, ведар дух и насмевка ќе останат засекогаш во сеќавањата.
