На крајот од годината, Министерството за образование и наука ги отвори картите за реформите што ја очекуваат образовната сфера во наредниот период. На новогодишен брифинг со медиумите, министерката Весна Јаневска ги презентираше клучните чекори што треба да ја одбележат 2026 година – од повисоки плати, преку дигитализација, па сè до остри мерки против плагијатството.
Една од првите промени што ќе ги почувствуваат наставниците е зголемувањето на платите. Од март, вработените во основното и средното образование ќе добијат покачување кое ќе се движи меѓу 7,5 и 10 проценти, со цел да се задржи мотивацијата и квалитетот во наставата.
Паралелно со тоа, во јануари ќе биде официјализирана Националната стратегија за образование за периодот 2026–2032 година. Документот, според најавите, ќе биде основа за сите идни политики во образованието, а еден од неговите клучни приоритети е проширување на едносменската настава, која досега е воведена во околу 200 училишта низ државата.
Значајна новина се најавува и на полето на дигитализацијата. Од јуни 2026 година, учениците од прво до трето одделение за првпат ќе добиваат електронски свидетелства. Планот е оваа пракса постепено да се прошири – во 2027 година и за учениците од четврто до шесто одделение, а до крајот на мандатот на министерката и за целото основно образование.
Промени ќе има и кај државната матура. Матурантите во 2026 година ќе полагаат според нов модел, кој предвидува два различни типа матура – гимназиска и стручна. Истовремено, се најавуваат и реформи во средното стручно образование, со фокус на создавање кадар кој одговара на реалните потреби на пазарот на труд.
Учебниците, кои со години се една од најболните точки во образованието, повторно се најдоа на агендата. Јаневска призна дека проблеми постојат, но увери дека институциите работат на подобрување на квалитетот, посочувајќи дека паралелно се подготвуваат нови законски решенија.
– Направивме сериозни чекори, донесовме седум закони, а во подготовка се уште толку. Не секогаш сè зависи директно од министерството, но очекувам процесите да одат во правилна насока – истакна министерката.
Посебен акцент беше ставен и на науката и високото образование. Европската комисија, според Јаневска, во најновиот извештај позитивно ги оцени инвестициите во оваа област. Сепак, таа потенцираше дека македонските универзитети се далеку од престижните светски листи и дека се неопходни сериозни реформи.
Во таа насока, се подготвуваат нови закони за високото образование и за неговиот квалитет. Пред да бидат објавени на платформата ЕНЕР и ставени на јавна дебата, нацрт-текстовите треба да добијат зелено светло од стручната јавност.
Новите законски решенија предвидуваат и построги критериуми за универзитетските професори. Објавувањето научни трудови ќе стане задолжително, а оние што нема да ги исполнат условите ќе мора повторно да ја обновуваат лиценцата на секои пет години.
Министерката најави и формирање таканаречен „ѕид на срамот“, на кој јавно ќе се објавуваат купени и плагирани магистерски и докторски трудови, со цел да се стави крај на оваа појава.
Дополнително, при крај е решението за довршување на објектите за ФИНКИ и ФФК. Во наредните денови се очекува објава на тендер за репроектирање, по што ќе следи избор на изведувач за градежните работи.
