Страшен настан го вознемири центарот на Лесковац вчера попладне, кога една жена го загуби животот во брутален напад со нож, извршен на јавна улица, пред бројни сведоци.
Според информациите од истрагата, Драгија Р. (64) од Лебане е уапсен под сомнение дека околу 16:30 часот, на Булеварот Никола Пашиќ, со нож смртно ја повредил својата емотивна партнерка Јулија Н. (53).
На трагедијата ѝ претходела жестока вербална расправија која за кратко време ескалирала во физички напад. Очевидци раскажуваат дека мажот одеднаш извадил нож и ја нападнал жената, по што таа во паника почнала да бега по улицата, обидувајќи се да најде спас меѓу минувачите и возилата.
– Се слушаа вресоци и расправија. Жената почна да трча, а тој ја бркаше со нож. Луѓето беа вкочанети од страв, особено децата – никој не се осмели да се вмеша – изјави сведок кој се нашол на местото.
Во очајнички обид да преживее, жената наводно скокнала врз автомобил кој бил во движење, но поради тешките повреди, паднала покрај возилото и починала. Возачот изјавил дека со него во автомобилот имало и малолетно дете, кое поради силниот шок било згрижено од медицински екипи.
Брзата помош по пристигнувањето можела само да ја констатира смртта, додека полицијата веднаш започнала потрага по осомничениот. Тој бил лоциран и уапсен во близина на местото на злосторството.
Од Министерството за внатрешни работи на Србија потврдија дека по наредба на јавен обвинител, на осомничениот му е определен притвор до 48 часа, по што ќе биде изведен пред Вишото јавно обвинителство во Лесковац, со кривична пријава за убиство.
Истрагата е во тек.
Фото: Telegraf.rs


