Прекрасна вест за дел од пензионерите во Штип пред новогодишните и божиќните празници. Општината одлучи да додели еднократна финансиска помош од по 6.000 денари на 100 пензионери со најниски примања.
Градоначалникот Иван Јорданов преку социјалните мрежи истакна дека целта на оваа мерка е да им се помогне на пензионерите да ја подобрат својата финансиска состојба во празничниот период.
„Општина Штип обезбедува финансиска помош од 6.000 денари за 100 пензионери со најниски примања. Оваа поддршка е дел од Програмата за социјална заштита за 2025 година и се однесува на пензионерите регистрирани преку меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Главната цел е да се подобри финансиската состојба на пензионерите пред новогодишните и божиќните празници, со што Општината ја потврдува својата посветеност на поддршка на најранливите категории граѓани“, порача Јорданов.
