Телото на 28-годишниот Миле Тодоров од Неготино, по кого со месеци трагаа неговото семејство и полицијата, било откриено уште на 17-ти минатиот месец во поширокиот неготински регион. Поради состојбата во која било пронајдено, било потребно време за целосна идентификација и обдукција.
Според неофицијални информации од медиумите, телото било лоцирано на тивко и ретко посетувано место, далеку од движење на луѓе. Првичните резултати не упатуваат дека смртта е последица на кривично дело, но надлежните служби и понатаму вршат дополнителни проверки.
По долги месеци неизвесност, денес неговата сестра објави тажна вест на социјалните мрежи, потврдувајќи дека брат ѝ е пронајден мртов.
„Летај со ангелите, мило наше. Нашите срца ќе бидат празни без твојот глас, љубов и насмевка… Болката е голема, но спомените за тебе ќе останат засекогаш,“ напиша таа.
Погребот на Миле Тодоров ќе се одржи утре.
