Во четврток православните верници ќе го одбележат празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица, познат во народот како Пречиста. Овој ден, кој се празнува на 4 декември, е еден од најзначајните во православната традиција.
Според црковното предание, Марија, придружувана од своите родители Јоаким и Ана, за првпат стапила во храмот во Ерусалим. Родителите биле под завет дека ако добијат дете, ќе го посветат на Бога. Кога Пресвета Богородица имала три години, тие ја одвеле во храмот.
Пред храмот имало 15 скали. Јоаким и Ана ја поставиле Марија на првата скала, а таа самата се искачила до врвот, каде што ја пречекал првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Крстител. Тој ја вовел не само во храмот, туку и во Светињата над светиите, просторија каде што никој не влегувал освен поглаварот на свештенството, и тоа само еднаш годишно.
Марија останала да служи во храмот цели девет години. По смртта на родителите, таа сакала да продолжи да живее девствено во храмот, но поради законските ограничувања, на 12-годишна возраст била доверена на свети Јосиф како свршеница – за да остане девствена, но и формално да го исполни законот. Таа се смета за првата девојка што дала доживотен завет, а нејзиниот пример подоцна го следеле илјадници вернички.
Бидејќи празникот се паѓа за време на Божиќниот пост, според црковниот устав се дозволува консумирање риба и масло. Пречиста има посебно значење за жените, а во минатото постоело верување дека оние кои долго време не можат да добијат потомство треба да се помолат и да преноќат во црква за Бог да им ја исполни желбата.
