Фото: Принтскрин/Слободен Печат
Членот на претседателството во Српска Напредна Странка во Македонија (СНСМ), Петар Милетиќ објави статус на социјалните мрежи по прославата на Денот на албанското знаме, при која беа блокирани голем број булевари и улици низ неколку градови во Македонија.
Милетиќ смета дека прослава може да се организира, но само по прописи и закони, а не како ќе му текне на некого.
„Македонија полека, но сигурно ја губи својата државност. Жал ми е што го кажувам ова, но тоа е реалноста. Ниеден политичар од македонскиот блок не реагираше на вчерашната прослава – Денот на албанското знаме.
Зарем не е ова брутално што ѝ се случува на една држава и на еден народ?
Има ли овде некој што ќе каже „доста е“ без празни флоскули и лажен патриотизам?
Се знае како се слави – постојат правила и протоколи.
Ако сакаат да прослават, нека се соберат во сала или на место каде собирот е пријавен, нека го истакнат и македонското државно знаме покрај албанското и нека прослават културно.
Но македонското знаме мора да се вее, затоа што така вели законот.
За нив, изгледа, законот не важи. Без пријава во полиција можат да блокираат цели градови и главни булевари, а државата мора да молчи и да гледа. И потоа еден ден ќе гледаме како се одцепува поголем дел од западна Македонија. А Албанците во останатите делови на државата ќе продолжат да ги уживаат истите права и ќе се случува истото што се случува денеска – се додека Македонија не исчезне.
Во Македонија мора да се воспостави ред – не со зборови, туку со дела.
И верувам дека тоа ќе стане неизбежно. И мислам дека многу скоро ќе почне тој процес“, објави Милетиќ.
