Уште од раните утрински часови, на неколку локации во Скопје, Тетово и Куманово се одвива координирана полициска акција во соработка со Основното јавно обвинителство – Скопје.
Според информациите објавени од „Прес24“, меѓу лицата што се приведуваат или се водат како осомничени се поранешниот заменик-министер за земјоделство Трајан Димковски, поранешен директор на Агенцијата за стокови резерви, како и уште тројца раководни лица од истата институција.
Предметот што се истражува се однесува на наводни сериозни злоупотреби поврзани со управувањето со државните стокови резерви. Обвинителството сомничи дека со непостапување во рамки на службените должности било дозволено да се отпишат околу 1.500.000 килограми меркантилна пченица и 500.000 килограми јачмен, со што, според првичните процени, државниот буџет бил оштетен за приближно 780.000 евра.

