Фото: Принтскрин
Обвинителството пред првото рочиште за случајот „Пулс“ достави исклучително обемен сет материјали, составен од речиси 1.400 докази – документи, фактури, фотографии, снимки и извештаи, собрани од различни институции и периоди.
Од стари урбанистички акти од 90-тите, до билети за влез во дискотеката – сѐ што обвинителите оцениле дека може да помогне во расветлување на трагичниот пожар е ставено во листата која се протега на стотици страници.
Токму оваа широка документација ја отвори и првата дебата во судницата. Бранителите реагираа дека дел од доказите биле повлечени, а истовремено на листата се појавиле нови. Забележаа и дека голем број од нив не се уредно подредени и дека одбраната тешко се снаоѓа меѓу материјалите. Сепак, судијката Диана Груевска Илиевска одлучи дека ќе се изјаснуваат за сите забелешки во воведните говори, а таа ќе решава дополнително.
12 групи докази – секоја за различна точка од обвинението
Материјалите се поделени во 12 целини: форензика, општинска документација, технички проекти за објектот, докази од Министерството за економија, материјали од државните инспекторати и други релевантни органи.
Форензика: пиротехника, снимки и траги од пожар
Во првата група се наоѓаат најдиректните докази за причина на катастрофата:
– куферот со осум пиротехнички слотови и два далечински управувачи,
– форензички анализи за траги од оган и експлозивни материи,
– извештајот за развојот на пожарот изработен од Градежниот факултет.
Приложени се и снимки од настапи на бендот ДНК во „Пулс“, каде се гледа употреба на пиротехника – дел кој обвинителството го смета за критичен.
Во оваа целина се и обдукциските извештаи од Судска медицина.
Општина Кочани: докази од 1995 па наваму
Документите што се однесуваат на општината прикажуваат како објектот се трансформирал со години. Присутни се:
– записници од инспекции (2014),
– документи испратени до тогашното Министерство за урбанизам (1995),
– решенија за легализација,
– пресметки за надоместок за бесправен објект,
– административни акти за вработувања.
Тука се и фактурите за набавка на запаливите сунѓери, како и информации за странските добавувачи.
Техничка документација за самиот објект
Во доказите влегуваат и:
– проектот за електричната инсталација (1998),
– шеми за водовод и канализација,
– технички описи и скици.
Телефонски комуникации и пораки
Обвинителството приложило и извештаи од телефонски листинзи и извлечена комуникација меѓу дел од обвинетите, вклучително и пораки од телефонот на првообвинетиот Дејан Јованов. Има и материјали за контактите со полициски службеници пред, во текот и по денот на трагедијата (15, 16 и 17 март).
Фотографии, видеа и 140 билети
Во судот ќе се презентира и плико со 140 влезници од дискотеката, како и снимки и фотографии преземени од официјалните профили на „Пулс“ на Facebook и Instagram.
Агенцијата за обезбедување и „Рубикон“
Доставени се договори меѓу „Рубикон секјурити солушнс“ и „ММММ Кафе“, но и други договори што агенцијата ги имала со државни органи и фирми. Приложени се и мејлови и пораки на обвинетиот сопственик на фирмата, Александар Нацев.
Лиценци, дозволи и улоги на поранешни министри
Во доказите се и сите издадени дозволи за угостителска дејност – од времето на министрите Ваљон Сарачини, Крешник Бектеши, Дритон Кучи и Беким Незири. Прикачени се пријавите за технички услови и уплатници на обвинетите.
Инспекциски надзори – и пред и по трагедијата
Доставени се и записници за контроли спроведени после пожарот, што укажува дека обвинителството сака да покаже како институциите постапувале и по настанот.
Истото важи и за документите од Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија.
222 оштетени и десетици сведоци
На крајот се наведени 222 лица оштетени во трагедијата и 63 застапници на починатите. На суд ќе сведочат 35 лица, главно жители на Кочани, а обвинителството предложило и административци, инспектори, претставници на обезбедување и вештаци од Градежниот факултет и Судска медицина.
Следното рочиште е закажано за 2 декември.
