Фото: Сотир Лукровски/Општина Карпош
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски заедно со претседателот на Советот, Христо Саракинов ја посетија баба Славка која го прослави нејзиниот 100. роденден.
„Љубовта кон најблиските, слогата и заедништвото се тајната за мојот долговечен и спокоен живот – вели една од највозрасните жителки на Карпош, Славка Коцевска, која денеска го одбележува својот голем јубилеј. По тој повод градоначалникот Сотир Лукровски и претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов ја посетија баба Славка, која денеска го слави својот 100-ти роденден. Баба Славка чии очи сè уште зрачат со жар и топлина, им ја раскажа својата животна сторија на своите гости. Родум од Штип во далечната 1925 година, таа го поминува најголемиот дел од својот живот во преубавиот Карпош.
Нашата стогодишна хероина напоменува дека ја добива најголемата поддршка од своето многубројно семејство. Имено, баба Славка е мајка на три деца (има два сина и една ќерка), но како што вели, најмногу се гордее со тоа што е баба, прабаба и чукунбаба. Во нејзиниот топол дом исполнет со раскошно цвеќе доминираат живописните гоблени кои самата ги изработила. Низ разговор, баба Славка открива дека токму денеска и се исполнила нејзината голема желба – да му подари преубаво цвеќе на градоначалникот Лукровски, кое ќе ја разубави просторијата во неговиот работен кабинет.
Во оваа пригода, првиот човек на Општината, Сотир Лукровски и претседателот на Советот, Христо Саракинов, изразија искрени честитки за едновековниот животен јубилеј кој го празнува баба Славка. Оттука, тие и посакаа добро здравје и уште многу весели насмевки на нејзиното ведро лице, кое навидум ја крие сета мудрост и добрина на светот“, се вели во објавата на Лукровски.
