Фото: Принтскрин
Венко Филипче, на денешната заедничка седница на НСЕ и Комисијата за европски прашања, во која беше разгледан последниот извештај на Европската комисија за Македонија, оцени дека државата не бележи напредок во реформите и дека политичката волја на Владата за суштински промени недостасува.
– Извештајот јасно покажува дека реформи нема, а времето се губи. Ова е еден од најнегативните извештаи што Македонија го добила. Единствено полошо беше во 2015 година, кога државата беше оценета како „заробена“, истакна Филипче.
Тој посочи дека нема напредок во клучните области и предупреди дека ова може да доведе до дополнителни услови за отпочнување на преговорите со ЕУ.
– Напредокот во важните сфери е минимален. Очигледно, сегашната влада нема политичка волја за суштински реформи. Жал ми е што периодов не беше искористен за промени. Доколку минатата година имавме само еден услов, сега, по ваквиот извештај, не сум сигурен дека нема да се појават и други, нагласи Филипче.
Тој ги истакна критиките на ЕК во делот на правосудството, борбата против корупцијата, медиумските реформи, економијата и образованието, области во кои според ЕК нема значителен напредок или се бележи назадување.
– Трендовите остануваат исти. Владата се обидува да влијае на независните институции, особено на судската власт, што предизвика ретка, но силна реакција од судската фела, создавајќи преседан од општествено значење, не само за државата, рече Филипче.
Тој истакна и сериозни слабости во економското управување, нагласувајќи дека не се спроведени клучните реформи поврзани со економските критериуми, а плановите за фискална консолидација и имплементација на Законот за органски буџет, кој требаше да стартува во 2025 година, се одложени.
– Дополнително, Владата не покажала интерес за последната транша од макрофинансиската поддршка на ЕУ, која е неповратна и поврзана со потребните реформи, предупреди Филипче.
