Светскиот ден на сиромашните, кој се одбележува секоја година во третата недела од ноември, годинава беше повод папата Лав XIV да организира голем оброк со лица кои живеат во сиромаштија, бездомници и трансродови лица во Ватикан. На трпезата се приклучија и имигранти и луѓе кои минуваат низ тешки животни ситуации, пренесува американски медиум.
Иницијативата, започната од неговиот претходник, папата Франциск, е продолжена од Лав XIV како знак на отвореност и солидарност кон сите маргинализирани групи. Минатото лето, сличен настан беше одржан во летната резиденција Кастел Гандолфо.
Во големата сала „Павле VI“, каде редовно се примаат илјадници посетители, овој пат папата ручаше со група од 50 трансродови лица, кои се поддржани од католички волонтерски организации.
Свештенството истакнува дека ваквите гестови го покажуваат принципот на еднаквост пред Бога и сигнализираат дека Црквата е отворена за секого, без исклучоци. Паралелно со оваа иницијатива, низ католичките парохии во Италија и во светот се организираат мали солидарни оброци, а се дели и храна и лекови во специјални пакети.
Иако Лав XIV не ја поддржува легализацијата на бракови меѓу лица од ист пол, тој преку овие акции практично покажува дека сите верници можат да бидат вклучени во животот на Црквата и дека достоинството на секој човек е неприкосновено. Пред два месеци, на посебен ден од Светата година, над илјада ЛГБТК+ граѓани поминаа под Светата врата во базиликата „Свети Петар“ и присуствуваа на миса.
Наскоро, папата прими мала група верници од Лос Анџелес, меѓу кои беа Алекс и Брајан, кои живеат заедно. По разговорот со понтифот, двајцата изјавија дека се чувствувале прифатени и дека Лав XIV искрено се интересира за животите и врските на луѓето.
