Фото: GladiatorVesti.mk
Обвинителниот акт за трагедијата во кочанскиот клуб „Пулс“ открива дека објектот со години функционирал врз основа на непотполна и фалсификувана документација, изготвена од инженерката Милка Едровска и нејзината фирма „Венци Проект“. Наместо да ги исполни законските стандарди за градежна и пожарна безбедност, Едровска се товари дека направила документ кој не содржел критични безбедносни елементи, а подоцна само го „освежувала“ со промена на насловната страница.
Според обвинението, во 2012 година, на барање на сопственикот Дејан Јованов, Едровска изготвила документ наречен „Основен проект“. Според истрагата, тој проект бил суштински некомплетен и не ги содржел задолжителните делови според Законот за градење.
Недостатоците вклучувале:
- елаборат за статика и стабилност на конструкцијата,
- проект за електрична инсталација,
- проект за водовод и канализација,
- и, најважно, елаборат за заштита од пожари и експлозивни материи.
Обвинителството исто така посочува дека Едровска била свесна дека објектот не е наменет за угостителска дејност според Деталниот урбанистички план, кој на локацијата предвидувал „лесна индустрија“.
Истата документација била користена повторно во 2023 година, кога Јованов ја префрлил активноста на новата фирма „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани. Наместо да изработи нов проект или да изврши увид на терен, Едровска го искористила стариот документ како основа, менувајќи само насловната страница, датумот и името на инвеститорот.
Обвинителите наведуваат дека токму овој формален документ му овозможил на Јованов да продолжи со нелегална угостителска дејност и да добие лиценци. Милка Едровска и „Венци Проект“ сега се обвинети за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, како дел од синџирот пропусти што доведе до трагичниот исход во кој животот го загубија 63 лица.
