Со потресувачка објава на социјалните мрежи, Стојка Иванова Антова – мајката на трагично починатата Ивона Антова, едно од девојчињата што го загубија животот во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ – ги сподели последните видеоснимки од своето дете. Моментите исполнети со насмевки, музика и младешка безгрижност само неколку минути подоцна се претвориле во незамислив хорор.
„Тоа се последните снимки од мојата Ивонче… последните мигови кога беше жива и среќна. Гледам насмевка, гледам живот… а срцето ми се крши секој пат кога ќе ги пуштам,“ напиша мајката, споделувајќи дел од својот најинтимен бол.
Во својата објава таа опишува како со тешка мака ги гледа последните секунди од видеото – нејзината ќерка меѓу пријатели, со музика во позадина, недопрена од стравот што ќе следи. Тие снимки, пишува, ѝ се најболен, но и најценет спомен.
„Во 2:34 часот… моментот што ме пресече. Гледам како моето дете се насочува кон вратата… како бара воздух, живот… а мракот веќе ја голта,“ наведува Стојка.
Мајката опишува и дел од ужасот што се случувал во секунди: гужвата, паниката, чадот, крикот за помош, а потоа – тишината која ја носи трагедијата.
„Моето дете било на чекор од спас. А никој не ја повлекол, никој не ја држел. Ја туркале назад, ја газеле… гледам како се бори да земе здив, како му вели на некое момче ‘брат, помогни ми’… а никој не слуша,“ пишува таа со скршено срце.
И покрај болката, видеата за мајката се единствената врска со Ивона.
„Тие снимки ми ја кинат душата, но и ми ја држат светлината жива. Гледам дете што танцува со чисто срце, без да знае дека тоа е нејзината последна песна… последниот танц на овој свет.“
Објавата на Стојка Антова повторно ја разбуди болката во јавноста и потсети на трагедијата во „Пулс“ во која загинаа 62 млади животи. Зборовите на мајката се потсетник дека раните на семејствата сè уште не се зараснати и дека борбата за вистина, одговорност и правда продолжува.
