Полицијата ги расчисти наводите од видеото што во последните денови се споделуваше по социјалните мрежи, во кое 15-годишно девојче насочува огнено оружје кон својот помал брат. Настанот се случил во семејна куќа во селото Јакреново, во крушевскиот регион.
Според информациите на МВР, на 14 ноември 2025 година околу 13 часот, полициски службеници од ОВР Крушево извршиле претрес кај Ф.А. (44), жител на истото село, при што била одземена ловечка пушка, ременик и дозволата за поседување оружје. Акцијата следела по пријавата и утврдувањето на околностите поврзани со видеото.
По консултации со јавен обвинител и извршените проверки, оружјето е привремено задржано. По целосно документирање, против сопственикот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од полицијата упатуваат сериозен апел до сите граѓани да бидат исклучително внимателни со чувањето и употребата на оружје, особено во домови каде има деца и малолетници.
