Фото: Ali Ahmeti/Facebook
ДУИ остро реагираше на информациите дека нивниот лидер Али Ахмети планира да се повлече од функцијата. Портпаролот на партијата, Арбр Адеми, категорично демантира дека постои таква можност и најави дополнителна мобилизација на членството и симпатизерите пред вториот круг од локалните избори.
„Тоа е целосно неточна и измислена вест“, изјави Адеми за неколку медиуми, додавајќи дека повлекување на Ахмети не е тема на дневниот ред на партиското раководство.
Информацијата првично беше објавена од албанскиот портал „Фол“, кој се повика на неофицијални партиски извори и тврдеше дека Ахмети размислувал за заминување од активната политика по изборите одржани на 19 октомври. Според истиот медиум, тој наводно веќе разговарал за одлуката со најблиски соработници и политички партнери од Албанија и Косово, а официјалната потврда се очекувала по завршувањето на вториот круг.
Од ДУИ, сепак, сметаат дека целта на ваквите објави е да се поткопа моралот на нивните гласачи. „Овие дезинформации се обид да се демотивира нашето членство пред изборите. Али Ахмети нема намера да се повлече, напротив – резултатите од првиот круг ни даваат дополнителна енергија“, рече Адеми.
Тој посочи дека ДУИ постигнала подобар резултат од коалицијата „Вреди“, освојувајќи околу 23.000 гласови повеќе и поголем број советнички места. Централното претседателство на партијата ќе направи анализа на изборните резултати и ќе ја зацврсти стратегијата за претстојниот втор круг, со фокус на максимална мобилизација на гласачите.
