
Фото: МВР
На 6 октомври 2025 година, во близина на населбата Нова Колонија, полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции уапсија двајца скопјани – Н.А. (45) и А.Ј. (23). Иако се осуденици на издржување казна затвор во КПУ „Идризово“, тие во моментот биле на отпуст.
Инцидентот започнал околу 20:20 часот на улицата „Панче Неделковски“ во Скопје, кога полицијата им дала знак за запирање на нивното возило „ренџ ровер“. Наместо да сопрат, осомничените се дале во бегство. Веднаш била организирана потера што продолжила по скопската обиколница и регионалниот пат кон Велес.
Во обид да го избегнат запирањето, возачот на „ренџ роверот“ двапати удрил во службеното возило „мазда“ на полицијата. Еден од полициските службеници испукал предупредувачки куршуми во воздух, но возилото сепак продолжило да се движи сè додека не излетало од патот кај Нова Колонија.
При преглед на автомобилот биле пронајдени пет мобилни телефони, поголема сума пари и клучеви од неколку возила. Двајцата бегалци веднаш биле лишени од слобода, а против нив, по целосно документирање на случајот, ќе бидат поднесени кривични пријави.