
Фото: Принтскрин
Поранешниот кинески министер за земјоделство, Танг Рењџијан, е осуден на смртна казна со двегодишно одложување поради примање мито во износ поголем од 268 милиони јуани (околу 37,6 милиони долари), пренесе државната новинска агенција „Синхуа“.
Судот во провинцијата Џилин ја изрече пресудата откако Рењџијан ја призна вината. Тој веќе во ноември 2024 година беше исклучен од редовите на Комунистичката партија, шест месеци по отворањето на истрагата против него.
Во својата кариера, Танг беше на повеќе високи функции – меѓу другото, од 2017 до 2020 година ја извршуваше должноста гувернер на провинцијата Гансу, а потоа беше назначен за министер за земјоделство и рурален развој.
Случајот се смета за дел од широка антикорупциска офанзива што ја спроведува претседателот Си Џинпинг. Кампањата има цел да го искорени коруптивното однесување во највисоките државни и партиски структури, а самиот Си повеќепати предупреди дека корупцијата претставува „најголема опасност за опстанокот на партијата“.