
По повеќе од една деценија градежни предизвици, денеска свечено беше осветена црквата „Свети Константин и Елена“ во срцето на метрополата. Верници и граѓани од раните утрински часови се собраа да присуствуваат на чинот и да се помолат во новиот православен храм.
Со ѕвонење на камбаните во 8:30 часот започна осветувањето, што го предводеше поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан, во сослужение на бројни архијереи. Во присуство на државни претставници, дипломати, пратеници и локални функционери, храмот конечно го доби својот духовен благослов.
„Со изградбата на овој храм се надминавме себе си. Нека биде сведок дека нашиот народ продолжува да гради цркви и да ја негува својата вера,“ порача архиепископот Стефан.
Граѓаните кои присуствуваа на осветувањето изразија радост и гордост:
„Преубава е црквата. По скоро 60 години повторно имам чест да влезам во неа, како моите баба и дедо некогаш,“ рече еден верник.
Изградбата на новиот храм започна во 2012 година, а поради финансиски предизвици и спонзорски придонеси од општествено одговорни лица и бизнисмени, храмот беше завршен дури по 13 години. „Свети Константин и Елена“ сега е нова духовна светлина во центарот на Скопје, потсетник на историската и верската традиција на Македонија.