
Фото: Принтскрин
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од претстојната изборна кампања и за неговата препорака до другите политички актери, истакна дека партијата е подготвена за фер, позитивна и одговорна изборна трка.
Филипче нагласи дека фокусот на СДСМ ќе биде ставен на луѓе со интегритет и кредибилитет, како и на програма која произлегува од реалните потреби на граѓаните. Според него, СДСМ ќе настапи со кампања што ќе се темели на чесност, отчетност и почит кон јавноста, без деструктивни напади или манипулативни пораки.
„Имаме добри кандидати, имаме навистина луѓе коишто се признати во своите средини, коишто имаат легитимитет и кредибилитет да излезат да побараат поддршка од граѓаните, луѓе коишто имаат капацитет да ги спроведат тие програми. Чесни луѓе коишто чесно ќе работат со буџетите на граѓаните“, кажа Филипче.