
Фото: Принтскрин
Белорускиот претседател Александар Лукашенко, по денешната средба со рускиот колега Владимир Путин во Москва, изјави дека рускиот лидер наскоро ќе објави „многу добар предлог“ за ставање крај на војната во Украина, кој, според него, во голема мера го поддржуваат и САД.
Лукашенко, кој повеќе од пет часа разговарал со Путин, не откри детали за содржината на предлогот, но нагласи дека истиот веќе бил презентиран и на американскиот претседател Доналд Трамп, за време на нивната средба минатиот месец на Алјаска.
„Претседателот Путин и јас разговаравме за него, но не сакам јас да откривам. Тоа ќе го каже самиот претседател. Станува збор за добар предлог за Украина, идеи кои ги слушна и Доналд Трамп на Алјаска и ги понесе во Вашингтон за разгледување и дискусија. Многу добар предлог“, изјави Лукашенко за рускиот новинар Павел Зарубин.
Тој додаде дека доколку Киев ги одбие овие предлози, ќе се повтори сценариото од почетокот на руската „специјална воена операција“. „Ќе биде уште полошо, Украина ќе ја изгубат“, предупреди Лукашенко, долгогодишен сојузник на Путин.