Skip to content
Gladiator Vesti

Gladiator Vesti

Социјални мрежи

  • Facebook

Тагови

Александар Вучиќ Владимир Путин Володимир Зеленски ДНК Данела Арсовска Доналд Трамп Израел Кочани Македонија Никола Станишиќ Русија САД Скопје Србија Украина Христијан Мицкоски авион автомобил грција дискотека доналд трамп донација земјотрес кочани македонија нови сад пари плата пожар полиција помош протест пукање пулс русија скопје сообраќајка србија тепачка тетово трагедија убиство украина црква штип

Категорија

  • Актуелно
  • Балкан и Свет
  • Вонредни вести
  • Донации
  • Забава
  • Интервјуа
  • Истакнато
  • Магазин
  • Македонија
  • Најново
  • Наш избор
  • Разно
  • Спорт
  • Хороскоп
  • Храна
  • Хроника
  • Македонија
  • Балкан и Свет
  • Спорт
  • Магазин
    • Разно
    • Храна
    • Забава
    • Хороскоп
    • Интервјуа
  • Најново
    • Вонредни вести
    • Актуелно
    • Истакнато
    • Наш избор
    • Хроника
  • Донации
Гледај во живо

Груевски со порака „од сон до реалност“: Епската приказна за црквата што се враќа во живот

Gladiator 25/09/2025

Фото: Принтскрин

Поранешниот премиер Никола Груевски објави статус на неговиот профил на социјалните мрежи за црквата „Св. Константин и Елена“ во Скопје.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија претходно најави дека на 28 септември во 8.30 часот ќе се осветува црквата „Св. Константин и Елена“.

„“Храмот што ги надживеа политичките бури”

Неодмана во вревата на еден септемвриски ден кога летото во Будимпешта се уште не се повлекуваше пред неминовниот марш на есента која во меѓувреме гордо го завзема своето место, ми пристигна една порака со еден линк кој водеше до еден прекрасен текст на порталот Нова Македонија, од пријател кој ги знае моите најдлабоки емоционални врски со градот каде сум роден.

“Прочитај го ова”, напишал кратко.

Кликнав на линкот и… о, Боже! Фотографиите блеснаа пред мене како визии, како соништа на будниот човек. Црквата! Црквата што ја сонував и што ја создадов(ме). Црквата во чие создавање се вложив, како што се вложив и кога го возобновувавме изгорениот дел на бигорскиот манастир, и на манастирот Трескавец, темелното реконструирање на манастирот во Зрзе, црквата во Новаци, и уште многу друго цркви и манастири низ Македонија.

Го отворив линкот и почнав да читам. Зборовите танцуваа во хармонија со фотографии од кои зрачеше топлина…

Текстот започнува вака:

“Новата црква „Св. Константин и Елена“ не е само црква. Таа е симбол дека ништо изгубено не е навистина изгубено ако постојат желба и љубов да се врати. Таа е потсетник дека верата може да издигне нешто величествено дури и таму каде што некогаш имало празнина. И токму затоа, ова светилиште е гордост не само за Скопје туку и за цела Македонија

Во срцето на Скопје, меѓу бучавата на секојдневието и трката по време, се издига храм што со својата убавина и спокојност ве тера да застанете. Црквата „Св. Константин и Елена“ е повеќе од здание – таа е чудо создадено со верба и љубов, храм што како да го чува сето достоинство на градот и на народот што со години чекаше да ја види повторно.

Оваа црква е една од најубавите нови цркви во Македонија. Надворешно со своите куполи и силуета ја збогатува градската панорама, а внатрешно е вистинско ремек-дело – простор во кој светлината и тишината се прегрнуваат. Кога ќе влезете, не ве пречекува само архитектура туку и чувство дека сте чекор поблиску до нешто возвишено.

Секој камен, секој свод, секој прозорец што пушта зрак светлина внатре е како дел од една тивка молитва. Просторот дише со хармонија, а атмосферата е толку силна што зборовите се премалку да го опишат. Чувствувате како ако го спуштите гласот – самата црква ќе ви одговори со топлина и мир.

За многумина од Скопје, овој храм е икона на враќање на нешто изгубено. Старото светилиште одамна исчезна, но споменот за него остана да живее во душите на луѓето. Денес новата црква е повеќе од замена – таа е продолжување, воскресение и надеж. Еден град што го преживеал најтешкото, повторно изгради светилиште што ќе стои како сведоштво за силата на верата…”

РАДОСТА И ТАГАТА

Така, преку овој текст дознав за довршувањето на црквата и морам да признаам дека со голема радост, но и со малку тага, ја примив веста дека деновиве свечено и со сите црковни церемонии ќе се освети и отвори за јавноста црквата Свети Константин и Елена.

Тоа е црква за која јас како премиер ја дадов иницијативата за градба во владата, и подоцна помагав во активностите за изградбата се до 2018 година, кога заминав од Македонија, време во кое црквата и камбанаријата веќе беа изградени, фасадата веќе беше целосно поставена на црквата и сеуште не беше поставена само фасадата на камбанаријата, а внатрешното фрескосување беше завршено над 50%, како што ми кажаа уметницие кои ги посетив во последните недели пред моето заминување од Македонија.

Се заедно мислам дека беа завршени приближно над 80% од објектот.

Со смената на власта и особено со моето заминување од Македонија во 2018 година, активностите целосно запреа. Новата власт ја гледаше таа црква како некој мој личен проект, и наместо да помогне да се заврши истата и да станат дел од тој грандиозен проект, водеше некаква истрага за тоа како се обезбедувале парите за градбата, од која ништо не се изроди. Во годините потоа бев разбрал дека сопственикот на градежната фирма, а и некои преставници на МПЦ и на Фондацијата која ја градеше црквата биле под одреден притисок со цел да им се изнудат инкриминирачки изјави против мене.

Тие не можеа да поднесат дека некој сака да гради храм, затоа што храмот ги потсетуваше на нивната сопствена духовна празнина.

Црквата “Свети Константин и Елена” не е единствениот проект или објект кој го обновивме, а кој некогаш бил еден од симболите на Скопје, за кој многумина скопјани од повозрасните групи мечтаеа.

На пример, повторно го изградивме стариот и срушен во земјотресот објект на македонскиот народен театар, овозможивме да се обнови објектот на некогашниот офицерски дом, сега со различна функција, ги вративме на улиците двокатните автобуси, се обнови зградата на некогашната народна банка на плоштадот Македонија, иако сега со современ изглед, но задржувајќи ја формата. Дури ги вративме и плажите на реката Вардар, како место за уживање, бидејќи веќе капењето во реката не е дозволено. Се изгради и спомен домот на мајка Тереза, во форма на мал музеј, на само двеста метри оддалеченост од местото каде била, итн.

Како што започнав, со голема радост, но и со малку тага ја примив веста за скорешното осветување на црквата.

Чувството на тага се појави во следниот миг. Неизбежната тага на човекот кој нема да биде присутен на триумфот на едно дело во кое дал огромен допринос.

Знаејки колку се вложив од идеја до реализација на овој проект, веројатно не е нескромно ако се вбројам меѓу творците на оваа црква. И тука се соочувам со една од најдлабоките егзистенцијални дилеми на човечкото постоење – парадоксот на творецот кој е отсечен од своето творештво. Оваа тага не е само лична – таа е универзална, таа е тагата на секој човек кој мора да се соочи со ограничувањата во својот живот и на својата смртност, со невозможноста да биде присутен на сите плодови на својот труд. Но, можеби токму во оваа отсутност се крие поубавата вистина – дека најголемите дела живеат независно од нивните творци.

Тоа е веројатно и вечната иронија на нашето постоење: волјата што нѐ тера да создаваме е истата таа што нѐ осудува да страдаме поради тоа што го создадовме.

Слична, иако не иста ситуација беше кога се постави камен темелникот на музејот на холокаустот. Тој се изгради со средства кои ги обезбедивме од тогашната влада каде јас бев министер за финасии, одкако се осмисли, предложи и донесе Законот за денационализација во 2000 година, чии подготвувач и предлагач до владата беше токму Министерството за финасии на чие чело бев во тие години, со кој закон за денационализација меѓудругото предвидовме креирање специјален фонд на холокаустот во кој проектиравме да влезат парите од вредноста на обештетувањето за одземените имоти на погубените 7.148 Евреи од Македонија во втората светска војна, кои немаат свои наследници и немаше кој да се обештети и да му се врати имотот, бидејќи покрај возрасните, биле убиени и нивните деца.

Никој не го бараше ниту пак го очекуваше тоа од нас. Никој никаде го немаше направено тоа пред нас. Но, го направивме тоа бидејќи веруваме дека така е праведно.

Праведноста не беше барање од надвор, туку заповед од нашата внатрешност. Не бевме робови на туѓите очекувања, туку творци на сопствената етика, законодавци на својата морална вселена.

Фондот имаше долги подготовки пред почетокот на градбата, па кога беше поставен камен темелникот на 2 септември 2005 година, веќе се беше сменила власта и во првите редови според протоколот беа преставниците на новата власт. Јас, без кој тој настан немаше да постои, бев поканет од фондот на холокаустот, дојдов и си застанав во последниот ред.

Малку луѓе ме забележаа. Со задоволство го проследив чинот на делото во раѓање кое во голема мера беше резултат на мојот труд и активност и си заминав исполнет со радост и задоволство од следната фаза на еден уникатен проект.

РАЃАЊЕТО НА ИДЕЈАТА: ОД ВИЗИЈА ДО ОДЛУКА

1970 – ГОДИНА НА РАЃАЊЕ И РУШЕЊЕ

Идејата за изградба на оваа црква сигурен сум кај многу скопјани од повозрасната генерација, постоела уште од годините по нејзиното рушење, но кај мене дојде уште многу одамна кога дознав дека таа црква постоела и функционирала на плоштадот Македонија до земјотресот во Скопје во 1963 година кога била оштетена но не толку за да не може да се реконструира, односно до нејзиното рушење во 1970 година, заради други причини, градење на трговски центар, а не заради земјотресот.

Земјотресот ја потресе структурата, но не ја уништи – тоа подоцна го сторија луѓето. Природата удрила еднаш и престанала, но човечката глупост продолжила таму каде што природата застанала.

Еве како историјата понекогаш прави највисоки комедии и најдлабоки трагедии од истите настани!

Земјотресот од 1963 година – тоа природно бедствие што ја потресе не само земјата туку и душите на скопјаните – во крајна линија нанесе помалку штета на црквата отколку човечката глупост седум години подоцна. Кога размислувам за тие тогашни власти што одлучиле целосно да ја срушат наместо реконструираат оштетената црква за да направат простор за крајот на скалите на еден трговски центар, се прашувам: дали тие луѓе воопшто разбирале што прават? Дали знаеле дека рушат дел од душата на еден град?

Можноста истата да се обнови се појави кога се најдов на позицијата претседател на влада, позиција од која веќе освен желба, може да се направи и реализација. Така и беше.

Кога една заедница губи објект кој ѝ служел како фокус на духовно обединување, стремежот за негова реконструкција е нужна последица. Колку поголема била перфектноста што ја обезбедувал изгубениот објект, толку посилен е импулсот за негова реконструкција.

Некаде во 2007 или 2008 година, по претходно известување и разговор со поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија г.г.Стефан, кој се разбира со радост ја подржа идејата, предложив на владата да се возобнови црквата “Свети Константин и Елена” на плоштадот Македонија, срушена во годината кога сум роден, во 1970 година, кога Скопје веќе има над 400 илјади жители.

Црквата била само малку оштетена во земјотресот во 1963 година, и далеку од таков степен за да треба да се руши, биле потребни мали поправки за да се врати во функција, но тогашните власти очигледно имале друг план.

По 7 години, при обновата на Скопје после катастрофалниот земјотрес, тогашните социјалистички власти дале приоритет на трговски центар односно платото пред скалите на градскиот трговски центар (денес викан ГТЦ) кој тогаш почнал да се гради, наместо на мали поправки и враќање во функција на црквата “Св. Константин и Елена”.

Имајќи го в предвид ставот на комунистичката партија за црквата како институција, тоа не е нешто што изненадува.

ВЛАШКО МААЛО 1909: КОГА ГРАДОТ СЕ РАЃАШЕ ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ВАРДАР

ВРЕМЕТО НА МЛАДОТУРЦИТЕ И РЕВОЛУЦИИТЕ

Сепак, од зачуваните податоци и фотографиите е јасно дека срушената црква била помала.

Црквата била почната да се гради во 1909 година.

Во тоа време на власт во Османлиската Империја се младотурците со нивниот Хуриет(Слобода), кои доаѓаат на власт во 1908 година со востание кое почнало и се раширило токму во вардарска и егејска Македонија. Дошле на власт со нивниот слоган инспириран од француската револуција “Слобода, еднаквост и братство”.

1909 година е турбулентна година, бидејќи во месец април имало револуција против нив, и брза успешна контрареволуција од страна младотурците.

Тоа е и годината кога во Скопје при враќање во неговата куќа подмолно од зад грб е убиен тогаш многу популарниот и веќе легален по прогласувањето на општа амнестија од младотурците – скопски војвода Васил Аџиларски, по што следуваат драматични настани пред црквата Св.Димитрија и Камениот мост, каде разгневената толпа го обесила пронајдениот убиец на Аџиларски пред очите на турската жандармерија која немала храброст да делува пред огромниот број разгневен народ, иако самата османлиска власт во Скопје лута на неговите подвизи пред неговата амнестија и легализирање му го нарачал убиството преку еден Албанец од Скопје, кој бил извршителот.

Во тие бурни денови на 1909 година, во тоа време, полно со надежи и страдања, со револуции и контрареволуции, започнал да се гради еден мал храм во Влашко Маало. Тогаш никој не можел да замисли дека овој скромен почеток ќе стане симбол на вечната борба меѓу времето што минува и верата што останува.

Во тоа време г.Скопје имал само околу 35 илјади жители, а црквата почнала да се гради во место кое тогаш се нарекува Влашко Маало, како дел од поширокиот простор на познатото Ново Маало во Скопје.

Тогаш Скопје се простирало главно од другата страна на реката Вардар, а овој дел од оваа т.н. десна страна на реката само што започнал да се разбива, и полека да се оформува нов центар на градот, за што главна причина и движечка сила била изгрдбата на железницата и железничката станица во 1873 година (денес ја викаме “стара железничка”).

Заради турболентните години на балканските и првата светска војна, црквата се завршила во 1919 година, а се осветила во 1926 година и претставувала еден од првите христијански објекти на т.н. десна страна од градот, која постанува „централно градско подрачје” во почетокот на 20 век. Пописот од 1921 година покажал дека во градот живееле само 41.666 жители од кои 22.135 биле православни.

Не треба да говорам повеќе за разликата меѓу тоа Скопје тогаш како мал провинциски град на периферијата на османлиската империја, и црквата која тогаш се гради на тогашната периферија на градот, и денешното Скопје како главен град на Република Македонија, кога црквата се наоѓа во строгиот центар на градот.

Сосема разумно беше обновената црква посветена на Свети Константин и Елена да биде многу поголема. Секако и многу побогата и поубава со внатрешните фрески, иконостас и сѐ друго на и во неа.

ПОЧЕТОКОТ НА АКТИВНОСТИТЕ ОКОЛУ ВОЗОБНОВУВАЊЕТО

Идејата тогаш на почетокот кога се донесе одлуката за градба односно обнова на црквата, беше да ја изгради државата со буџетски пари.

Така, откако владата ја прифати идејата преку предлогот кој го дадов, беше задолжено Министерството за култура да објави оглас за идеен проект, а потоа и основен и главен проект, а паралелно беше покрената иницијатива до општината Центар да овозможи урбанистички план кој ќе предвиди таков објект на тоа место. Градот Скопје го подготви подземниот терен со поместување на подземните цевки и кабли кои токму таму ги имаше во изобилство, како би можело непречено и без никаква штета да почне градбата.

На јавниот повик довербата ја добија двајца млади архитекти Искра Лековска и Владимир Лековски од студиото „Лелеле” од Скопје кои го изработија идејното решение и основниот проект на црквата.

Тие во една прилика кога ги сретнав ми кажаа дека извршиле темелна ревизија и длабока анализа на сите позначајни и повпечатливи цркви во Макеоднија, а во подготовките имале и посета на најзначајните цркви во други православни земји, како Русија, Грција и други.

Набрзо констатирав дека иако млади, архитектите мошне зрело ја имаа сватено сериозноста на задачата и обврската која ја беа превземале, да проектираат црква која треба да биде најубавата, најатрактивна црква и веројатно во иднина најпосетената црква во главниот град на Републиката, која покрај од домашните верници и љубопитни минувачи, ќе биде многу посетувана и од странски туристи и веројатно наскоро ќе се најде во препораките за задолжителна посета при посетата на странските туристи на главниот град на републиката, односно ќе стане нов landmark – обележје на Скопје и Македонија.

По извесен период архитектите ја завршија својата работа, и ги направија сите фази на проектот.

Нивниот труд беше платен од средствата предвидени во буџетот на Републиката за таа намена а веќе беа резервирани во буџетот и средства за почеток на нејзина изградба.

Сѐ до тој момент, како што веќе напоменав, планот беше црквата да се изгради на истата микро локација каде што некогаш била, помеѓу плоштадот Македонија и скалите на ГТЦ за не повеќе од три години. До тој момент овој проект не беше тајна за јавноста, но сеуште не беше во фокусот на дежурните критичари најчесто НВО платени од странски фондови кои сакаат да креираат свои политики во Македонија и да создаваат кризи кога ќе проценат.

Проблемите започнаа кога беше објавивен видео клипот наречен “Скопје 2014” каде неизбежно беше преставена и оваа црква на местото каде некогаш била, а тоа видео беше неизбежно бидејќи свесно се создаваше погрешна и лажна слика во јавноста за намерите на владата што креираше растечка вознемиреност кај граѓаните, а колуминираа кога заврши државниот тендер и се избра градежна фирма и фирма за надзор, со цел градење на црквата Св. Константин и Елена, и се ближеше денот за почеток на градбата.

Тогаш започнаа протести организирани од НВО, на кои за жал подршка даде и македонската опозицијата предводена од социјалдемократите.

Таму во тие протести имаше сѐ и сешто. Почнувајки од луѓе на кои им беше работна задача за што беа платени да работат против власта за што и да им се побара, до опозиционери на владата, атеисти, индоктринирани граѓани муслимани кои во најголем број беа регрутирани преку невладините организации, итн.

И тоа за владата не беше предизвик кој беше преголема пречка. Бидејќи сме имале многу такви нарачани протести и пред и потоа, па сме го издржале и сме се справиле со нив.

Но, во еден момент, покрај НВО, кои меѓудругото организираа и муслимани да протестираат, почнаа да се собираат и христијани – подржувачи на проектот на т.н. контра протести, или протести во одбрана на одлуката за градење на црквата, кои во еден момент се појавија на протест и дојде до физички инциденти, кои се закануваа да креираат подолгорочни верски инциденти, нешто што претходно во Македонија не се случувало подолго, бидејќи Македонија како мултиконфесионална држава и денес важи за земја со изразита верска толеранција и соживот.

За проблемот да биде поголем помеѓу хростијаните протестанти, дури и на нивно чело се појавија истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека така прават добро, без воопшто да размислат за можните последици, што пак создаде перцепција во јавноста дека партијата ги организирала протестите.

Муслиманите, меѓу кои забележав лица кои ги познавав и беа во првите редови, а за кои ми беше јасно дека не се таму заради верата, туку ја користеа ситуацијата за правење политички проблеми, обиди за дестабилизација на земјата и разгорување на верските страсти и омрза, сакаа да не се гради црквата на тоа место, и бараа возобновување на Бурмали џамијата од другата страна на плоштадот, изградена во 1495 година, а срушена во 1925 година, чие земјиште веќе беше продадено и веќе беше почната градбата на новиот објект на местото на поранешниот офицерски дом, срушен по земјотресот, кој е наменет за хотел.

Веднаш потоа во јавноста се јави здружението Даница кое ги презентираше деталите дека Бурмали џамија била изградена на темелите на претходно срушена црква Св. Никола на тоа место, која во османлискиот период била срушена со причина и план да се изгради џамија на тоа исто место, нешто што не е невообичаено за тој период на многу места низ империјата, и тие бараа да се возобнови таа црква, а не Бурмали џамијата.

Атеистите беа и против црква и против џамија, а НВО и опозицијата кој стоеја зад протестите беа против сѐ што доаѓа од владата.

Физичките инциденти и тепачки кои настанаа, како и заканата од развој на верска омрза и пресметки меѓу христијаните и муслиманите, за кратко време комплетно ја променија атмосферата во јавноста која претходно беше претежно подржувачка за возобновување на црковниот храм.

Се покрена и прашањето зошто верскиот објект треба да се гради од буџетски средства и многу аргументи и контрааргументи околу тоа.

ОД ДРЖАВЕН, НА ПРОЕКТ БАЗИРАН НА ДОНАЦИИ

МУДРОСТА НА КОМПРОМИСОТ: 250 МЕТРИ РАЗЛИКА

По опсежно размислување јас и моите соработници дојдовме до заклучок дека сепак иако бевме подготвени да се справиме со сите предизвици, како што многупати сме се справувале во слични ситуации, не смееме да дозволиме носени од желбата да изградиме односно возобновиме несреќно срушена црква, да се случат конфликти кои може да доведат до човечки жртви заради верска нетрпеливост и вештачки создадени негативни чувства, па историјата на возобновената црква да започне со убиства, погреби, мртовечки сандаци, посмррни поворки, плач на мајки на двете страни, омраза, потресни слики и спомени, одмазди итн, и токму таа црква да стане место на раздорот и поделбата по верска линија.

Затоа одлучивме да извршиме мало поместување на локацијата на црквата за околу 250-300 метри оддалеченост, таму каде што е сега, и истовремено се откажавме од државно финасирање на црквата, односно објавивме дека црквата ќе се гради од донации и еден помал дел, не се сеќавам точно, но можеби 15 или 20% од средства кои требаше да ги обезбеди Скопската епархија на МПЦ, која во иднина ќе ја поседува црквата и секако ќе остварува приходи од верниците посетители.

Триста метри! За геометричарот – незначително растојание. За инженерот – мала техничка корекција. Ама за оној кој ја донесува одлуката, свесен дека од неа зависи мирот во земјата, тие триста метри можат да значат разлика меѓу мудроста и глупоста.

Моравме да избереме дали да бидеме во право или да бидеме мудри? Дали ќе инсистираме на својата визија до крајни последици или ќе се препознае кога цената на вистината станува преголема за човечкиот дух да ја поднесе?

Оние кои мислат дека попуштањето е слабост не ја разбираат вистинската сила – онаа што е потребна за да се каже ‘не’ на сопствената гордост во име на поголемото добро. Најтешките одлуки не се оние кога бираме меѓу добро и зло, туку кога бираме меѓу две добра, од кои едното мора да се жртвува за другото. И тогаш, во тој миг на сомнеж, на внатрешна борба, донесов одлука која ме измачи, но која – знам сега – беше единствено правилна.

Во времето кога бев министер за финасии (2000-2002), во процесот на денационализацијата, на македонската православна црква Министерството за финасии врати огромен број имоти кои биле национализирани и одземени од црквата од страна на комунистичката власт по втората светска војна.

Така на пример многу земјишта и многу објекти, како влада ги вративме на црквата, а оние кој не можевме да ги вратиме од различни причини, ги обештетивме преку издадовање државна обврзници и во еден 10 годишен период сите епархии на МПЦ, некаде повеќе, некаде помалку, зависно која колку имала имот во минатото, односно колку им било одземено потоа, беше вратен огромен капитал вреден во десетици милиони евра по епархија.

Скопската епархија беше една од тие кои најмногу добија назад од таа операција која заедно со тимот од Министерството за финасии ја спроведов во периодот 2000-2002 година, така што средствата одвоени за оваа инвестиција беа само многу мал дел од тој стекнат имот и парични средства.

Како и да е, оној момент кога се смени локацијата и од буџетско финасирање се премина на донаторско финасирање, веднаш ми беше јасно дека тоа значително ќе ја забави градбата која инаку ќе завршеше за 2-3 години, но беше утеха дека таа прекрасна црква барем нема да биде со лоша карма од самиот почеток, навлечена од тепачки, повреди и не дај боже убиства, или да предизвика нов тренд на меѓусебна омрза во земјата заради верски причини. Осветувањето на темелите на црквата на новата локација беше извршено на 11 ноември 2012 година, на кое имав чест да присуствувам.

Новата односно сегашната локација е исто така дел од строгиот центар на градот бидејќи се наоѓа на улицата “Македонија” која ја поврзува старата железничка станица и комплексот “Дајмонд” зад неа, со плоштадот “Македонија”, и се наоѓа помеѓу парламентот и централниот штаб на партијата ВМРО-ДПМНЕ, точки и објекти кои се препознатливи за сите во Македонија.

ДИПЛОМАТИЈАТА ВО СЛУЖБА НА УМЕТНОСТА

Во тоа време исто така требаше да се изнајде кој ќе ги прави фреските внатре во црквата, иконостасот и други детали во внатрешното уредување. Како иницијатори и поджувачи посакувавме тоа да биде направено од врвни и докажани уметници со огромно искуство, а сепак да е многу евтино.

Се потсетивме на уметничките слики во музејот на македонската борба, кои во најголем дел беа изработени од руски и украински уметници, и помал дел бугарски и македонски.

Во времето кога требаше да се најдат уметници за уметнички слики во музејот и изработувачи на восочни фигури за истиот, владата, преку МНР, односно преку амбасадите анимираше повеќе уметници, но исто така и стручни тимови на Министерството за култура посетија повеќе градови во други држави за да анимираат уметници од тие држави да се јават на претстојниот конкурс.

Ни беше многу важно, да добиеме понуди со многу висок квалитет и поволна цена.

Па така, преку амбасадите на Македонија беа анимирани уметници во Русија, Украина, Бугарија и други земји, а за воштаните фигури преставници на Министерството за култура предводени најчесто од тогашниот државен секретар а подоцна и министер Елизабета Канческа Милевска имаа средби со уметниците докажани во тој дел кој работеле фигури во Мадам Тисо и слични проекти во Лондон, Хаг, Прага, Москва, Сант Петерсбург, Киев и други грдови.

Инаку, ако чекавме сами да го забележат огласот и да конкурираат, речиси да нема шанси тие самите ни да го видат меѓународниот оглас, ниту да го сватат сериозно, бидејќи во нивното секојдневие тие не функционираат со огласи, тендери и слично. Посветени се на уметноста и работата, тоа не се класични бизнисмени со администрација која сѐ следи. Сепак станува збор за уметници. Затоа беше потребна таа фаза на анимирање на врвните уметници.

При анимирањето на уметници во Москва, за музејот на Македонската борба за слобода и независност – музеј на ВМРО и музеј на жртвите од комунизмот, тогашниот амбасадор Илија Исалјовски не советуваше да се пристапи по дипломатски, но и по политички линии со претходни разговори на политичко ниво.

Така, беше договорено да испратиме писмо до министерот за одбрана на Русија со молба нивните луѓе – уметници да се јават на претстојниот тендер и да ни дадат понуда со голем попуст затоа што станува збор за национален проект во ситуација кога можностите на државата се ограничени. Руската влада се согласи и ни даде попуст од 70%.

Веројатно се прашувате зошто во Русија сето тоа одело преку владата?

-Затоа што македонскиот амбасадор не запозна дека во склоп на Министерството за одбрана на Руската федерација има оддел во кој се вработени голем број врвни уметници, кои сликаат уметнички слики и прават склуптури за сите државни институции на Руската Федерација, како министерства, агенции, фондови, и секакви други институции на сите нивоа. Тоа е нивната работна задача. За тоа се платени.

А објекти на државни институции во Русија има толку многу, што се чини дека секогаш ќе има работа за нив. Оттука, бидејќи тие се вработени во Министерството за одбрана и од таму земаат плата, целата процедура мораше да оди преку тоа министерство, а комуникацијата одеше преку преку нашата амбасада во Москва, каде што амбасадорот ја организираше таа операција и комуникација во делот на Музејот.

Се разбира, Министерството за култура на Р.Македонија беше целосно вклучено, бидејќи тие го изведуваа музејот.

Во Украина исто така во тоа време пронајдовме врвни уметници преку истиот амбасадор кој претходно бил на служба во Киев и добивме огромен попуст и од нив, но тие не беа поврзани со државата, туку индивидуално се преговараше.

Освен во Москва каде комуникацијата одеше преку владата, секаде на друго место се разговараше директно со врвни уметници, се запознаваа со можноста и се анимираа да конкурираат, но и се бараше да настапат со пониска цена од вообичаената нивна цена, бидејќи како што им се објаснуваше ние не сме богата држава за да може да си дозволи да плаќа регуларни цени на такво ниво на уметници, а важен ни е проектот бидејќи ќе биде национален музеј. Од друга страна проектот обезбедуваше поголем обем на работа за уметниците на подолго време, па и самото тоа беше важен аргумент за барање попуст во цените.

На конкурсот беа избрани уметниците од Министерството за одбрана во Москва, бидејќи понудија убедливо најниска цена за врвен квалитет и тие требаше да бидат главни носители, а беа одобрени и други уметници од Украина, Бугарија и Македонија. Во делот на восочините фигури исто така најдобра понуда даде фирма од Русија, но не поврзана со државните институции.

Во тоа време при една моја службена посета на Русија, а потоа и на Украина лично го посетив департментот на уметниците во Министерството за одбрана во Москва, каде што имаат огромни ателјеа и работат, а подоцна и ателејата во Киев, за да се уверам во квалитетот и сериозноста на тие уметници, а и тие да ја примат пораката дека ова е проект од високо национално значење, и се уверив дека навистина станува збор за врвни уметници.

Се сеќавам дека во Москва во просториите на Министерството за одбрана ме пречека некое воено лице со многу висок чин, можеби генерал или слично, кое беше шеф на тој оддел и ме придружуваше во разгледувањето на нивните активности и ателјеа.

Потоа уметниците дојдоа во Македонија, го посетија и снимаа теренот каде се одвивале историските настани кои требаше да бидат насликани, разговараа со историчари околу историските настани и карактерите на ликовите од кои требаше да направат портрети и да ги прикажат истите во битки и други историски сцени, понесоа доста писмен матерјал со нив, видео снимки и фотографии од теренот и ги изработија уметничките слики за музејот. Во еден дел од проецесот на создавање на уметничкото дело доаѓаа на самиот терен да сликаат.

Со оглед дека црквата Свети Константин и Елена на почетокот беше државен и буџетски проект се до одлуката тоа да не биде така, повторно започна комуникацијата со нив, но продолжи и се интензивира кога веќе не беше државен проект, туку донаторски. Веќе имаше доверба, кај нас дека ќе сработат навремено и високо квалитетно, кај нив дека навремено ќе им биде платено и ќе имаат соодветен третман.

По тој повод во Скопје од Москва пристигна делегација на уметницте за да се запознае со новиот проект околу црквата Свети Константин и Елена, за кој во претходна комуникација исто така беше одобрен истот попуст од 70%.

На чело на делегацијата беше истиот офицер шеф на одделот на уметниците во Министерството за одбрана на Русија, и покрај средбата со архиепископот и фондацијата тој побара да се сретне и со мене, бидејќи се познававме од мојата посета кај нив.

На средбата паметам дека предложив две нешта. Првото, во црквата да нема дел од внатрешните ѕидови и таванот на црквата кој нема да биде насликан со фрески, односно тоа да биде 100% пополнето со фрески, како што е на пример црквата Пресвета Богородица Перивлета во Охрид, на што тој одговори дека се согласува и дека и тој така смета дека така е најдобро и ќе создаде најдобра атмосфера во црквата.

Второто што го предложив беше нешто што претходно ми го предложи и архиепископот на МПЦ-ОА, а тоа беше покрај руските и украинските уметници, да се побара да се вклучат и македонски уметници, некои кој тој ги познава и се со проверен квалитет за таков вид работа.

Офицерот од висок ранг, во класичен војнички стил одкако ме ислуша, по неколку секунди “драмска пауза” мошне сериозно и отсечно ми одговори: “Може, но мора да има САМО ЕДНА КОМАНДА!”.

“Кој ја има одговорноста, тој ја има командата”, додаде тој.

Тогаш јас одговорив дека и јас така мислам и го почитувам тој пристап.

Тој ме извести дека ќе внимаваат и дека многу анализирале околу тоа, фреските да бидат во византиски стил како што се црквите на нашето поднебје, што се разликува од стилот на фреските во руските цркви.

Покрај тоа, јас ја искористив можноста и го замолив да ни помогнат во формирањето на факултетот за уметност при штипскиот универзитет со испраќање врвни сликари да предаваат таму барем во првите 7-8 години пред се во делот на реализмот како правец и хиперреализомот, како и сликањето портрети во истиот стил бидејќи чувствував а тоа го тврдеа и други мои стручни соговорници дека нивната школа во тој дел е далеку поквалитетна од нашата, и добро е да се придобие знаење од такви луѓе.

Се согласи. Истото ги бевме замолиле и украинските уметници, и тие прифатија и повеќе години паралелно додека ја фрескосуваа црквата беа професори на штипскиот универзитет. Двајца од нив од украинските уметници кои беа сопруг и сопруга еден период беа преселени во Македонија, можеби и сеуште се, а другите наизменично патуваана релација Москва/Киев и Скопје/Штип.

Се поздравивме по таа кратка средба и потоа никогаш не го видов. Но, се што беше договорено ревносно беше исполнето од нивна страна. Неговите уметници дојдоа и долго работеа, а беа вклучени украинските уметници во нивниот тим и македонски.

440 ДОНАТОРИ ЗА ЕДЕН СОН

Организиравме неколку донаторски конференции на кои доаѓаа повеќето министри, синодот на МПЦ и сопстениците или менаџерите на најголемите компании во Македонија, па главно на таков начин се финасираше проектот, иако дел од македонските компании помагаа и вон тие донаторски конференции. На тие донаторски конференции јас лично, покрај архиепископот г.г.Стефан, имав говор во кој ги охрабрував бизнисмените во Македонија да донираат во возобновувањето на црквата “Свети Константин и Елена” во Скопје.

Првиот човек на владата и првиот човек на црквата обединети не во службена церемонија, туку во автентичен творечки чин! Не во некакво жалосно просење за милостина, туку повик кон учество во едно дело што ги надминува секојдневните интереси. Тие што одговорија на повикот не беа само бизнисмени или министри кои даваа пари – тие станаа соучесници во еден акт на метафизичко творештво. Парите се преобразија во инструменти на највисоката духовност.”

Се одеше добро до промената на власта во 2017 година, кога освен што имаше смена на власта, веќе беше почнат политичкиот прогон против поголем број припадници на ВМРО-ДПМНЕ. До 2018 година црквата се градеше со помош на преку 440 донатори, од кои околу 260 беа правни лица – компании, неколку државни институции и остатокот од физички лица.

Тогаш бизнисмените почуствуваа дека стана опасно понатаму да го подржуваат тој проект бидејќи новата власт на новиот премиер не го сакаше тој проект, а СЈО под команда на новиот премиер започна некаква истрага, во смисла како се обезбедувале средства за градба на црквата.

Заедно со секојдневните апсења и јавен линч со конструирани случаи, се создаде атмосфера да биде опасно да се помага за градбата на таа црква, да биде опасно дури и да се сретнат со нас, или да се слушнат по телефон, односно стана опасно да имаат било што заедничко со нас, а беше општо познато кој држеше говори на донаторските конференции и чија влада претходно сакаше да ја изгради таа црква со државни пари.

Волјата да го подржат возобновувањето на црквата која што со толку страст ги поттикнуваше луѓето да градат, истата тивко се повлече кога се сменија околностите, оставајќи зад себе само напуштени ѕидови како споменици на својата непостојаност. Политичките промени се само површински феномени. Храмот застана не затоа што некој свесно одлучил така, туку затоа што волјата, во својата суштинска ирационалност, едноставно го насочи својот импулс кон други објекти.

Како и да е, финасирањето значително опадна и фондацијата веќе не можеше да ги исплати уметниците. Тие чекаа и работеа неколку месеци без да добијат надомест, а снема и средства за работа и потрошен матерјал, и во еден момент престана работата на црквата, а уметниците си заминаа.

Останаа во Македонија барем уште некое време оние кои работеа на штипскиот универзитет, но немаа матерјал за работа и не можеа да работат.

КОГА ПРОЕКТОТ СТАНА ЗАБРАНЕТ ЗА ДОГРАДБА: СЕДУМ ГОДИНИ ТИШИНА

Некаде раната пролет во 2018 година, кога веќе не бев ниту на владина, ниту на партиска функција, и кога прогонот беше во полн ек, а немаше ден да не сум во судот, ги обезбедив последните 200 илјади евра и успеавме да ги вратиме дел од уметниците на неколку месеци за колку имаше матерјал и дневници. Мислам дека тогаш се вклучија украинските уметници кои работеа на штипскиот универзитет. Ги посетив еден ден и ги замолив додека работат портата на црквата да е затворена, да не се забележува дека внатре некој работи, со цел да не ги потсетиме властите да направат некое зло. Ми ветија и така работеа.

Потоа, одкако заминав од Македонија во ноември 2018 година, се стави “клуч на портите” на црквата и така беше најмалку 7 или 8 години, години во кои речиси никој не смееше да ја спомни црквата.

Застана со работа и градежната фирма “Бетон – Скопје”.

Се личеше како да се вратил комунизмот во Македонија, поточно, многу полошо од тоа, во однос на црквата.

Тоа беше иронија на историјата! Комунизмот кој ја негираше црквата се врати не како откровен непријател, туку како лицемерен морализатор облечен во демократски алишта. Но оваа нова реинкарнација беше поподла од својот предок: барем стариот комунизам имаше храброст да ја признае својата омраза кон религијата. Овој нов, хибриден изрод се криеше зад фрази за ‘владеењето на правото’ додека тајно ги користеше истите методи на застрашување, прогон, уништување и сопствено збогатување.”

Слушнав дека во тие години фондацијата, градежната фирма и МПЦ имале многу проблеми и меѓусебни недоразбирања околу повеќе прашања но некако се справија во тоа тешко време.

Новата власт предвидена од Зоран Заев, наместо да го зграпчи и доврши тој велелепен проект, наместо да стане дел од него, наместо да го вградат своето име во доградбата на објект кој ќе биде еден од најпосетените објекти во Македонија во следните 100 години и повеќе, тие водени од лична злоба, го запреа проектот, го замрзнаа верувајќи дека ќе се заборави и ќе остане секогаш така, а преку нивните контролирани медиуми и правосудни институции уште и се обидуваа да оцрнат, за среќа без успех.

И што направија? Црквата е готова и народот ќе ја има! А тие ќе се срамат од тоа што го правеле.

Храмот ќе стои како вечен укор на нивната омрза кон сѐ што ги надминува.

Новата власт, таа разуглавена мала група на скромноумни и алчни луѓе, ја разгледуваше црквата како што мачката го разгледува глувчето – со мешавина од љубопитност и апетит. “Тоа е негов проект!” – викаа тие, како да зборуваат за некој личен каприц, а не за Божји храм. Однесувањето на новата власт кон црквата беше учебен пример за тоа како политичката омраза може да ја надмине јавната корист. Времето е најбезмилосниот судија на политичките одлуки. Она што во моментот изгледа како политички триумф, после неколку години може да се покаже како глупост, и обратно. Рационален политичар би требало да размислува визионерски а не кусогледо и поведен од омраза.

Но, низ годините, низ целиот период бев свесен и наполно убеден, дека толку голема и убава црква на толку значајно место, со степен на завршеност над 80%, не може да остане недовршена и неосветена, како што и тогашниот премиер и власт не можат да бидат вечни на тие функции. Од денешен аспект мислам дека тие само и додадоа поголема историја на таа црква, која 7-8 години беше како “забранета црква” за довршување и речиси никој немаше храброст јавно да говори за тоа.

Сепак црквата и таква недовршена, односно завршена над 80% веќе беше храм, а не само надеж за храм.

Во последните месеци, слушнав дека некако се обезбедиле финасии, и се довршила фасадата на камбанаријата, камбаната која беше нарачана веќе пристигна, а се довршило и сликањето на фреските кои не беа довршени. Претпоставувам дека пристигнал и иконостасот и се друго потребно за нејзино осветување и отворање за јавноста.

ХРАМ НА ОБЕДИНУВАЊЕТО НАД ПОДЕЛБИТЕ

Така, дојде и тој ден!

По 13 години од кои над 7-8 години градбата беше во целосно мирување, проектот за изградба на црквата Свети Константин и Елена е завршен како тестамент на една повисока волја…

Честитки до сите кои обезбедиле финасии за последната фаза на проектот.

Нека биде храм во кој вечно верниците ќе наоѓаат мир и спокојство во оваа црква!

Нека биде храм во кој секојдневно ќе се слуша детскиот плач за време на крштевките, каде секојдневно ќе се поставуваат круни на главите на младите кои се венчаат и ќе се испраќаат душите на покојните во вечниот мир.

Сето тоа заедно прави една црква да биде она што треба да биде: место каде се среќаваат времето и вечноста, човечкото и божественото, лицата и болката, надежта и стравот – сѐ она што нѐ прави луѓе.

Нека биде храм кој ќе ги обединува сите христијани дури и оние кои по сите други линии се поделени или оддалечени!

Место каде сите ќе се еднакви. Пред Бога! Се разбира храмот не ги прави луѓето еднакви – тој само создава услови во кои можат да ја препознаат еднаквоста што секогаш ја поседувале како модификации на истата божествена супстанца.

Нека биде место на кое литургиите и молитвата ќе бидат секојдневно внесување мир, спокој и контакт со Бог на вернциите.

Нека овој храм стане светилиште каде времето застанува пред величието на вечноста, каде верниците душите ги полагаат како цвеќиња на олтарот на надежта.

Нека биде оаза на мирот во пустината на секојдневните борби, прибежиште каде тишината зборува подлабоко од најгласните проповеди.

Место со кое ќе се гордееме пред странските туристи, но и место по кое ќе ја паметат Македонија, меѓу другото и по црквата еднаш непотребно срушена, па по над половина век, на задоволство на многу повозрасни скопјани и Македонци, повторно изградена.

Нека е вечна оваа црква и нека биде сведок низ годините и вековите на напредок и издигнување на Македонците и Македонија“, пишува Груевски.

Tags: Македонија Никола Груевски

Continue Reading

Previous: Трамп: Украина може да ја добие војната, Русите не освоија речиси ништо
Next: (Фото+Видео) Подметнат е пожар во депонија близу Арачиново

Слична содржина

(Видео) „Бог нека е напомош“: Нови снимки од катастрофалните поплави во Бугарија

(Видео) „Бог нека е напомош“: Нови снимки од катастрофалните поплави во Бугарија

03/10/2025
(Видео) САД извршија моќен напад – се претвори сè во оган и чад

(Видео) САД извршија моќен напад – се претвори сè во оган и чад

03/10/2025
(Видео) Библиски потоп во Бугарија: Уништени се куќи и патишта, има и загинати

(Видео) Библиски потоп во Бугарија: Уништени се куќи и патишта, има и загинати

03/10/2025

Најново

  • (Видео) „Бог нека е напомош“: Нови снимки од катастрофалните поплави во Бугарија
  • (Видео) САД извршија моќен напад – се претвори сè во оган и чад
  • (Видео) Библиски потоп во Бугарија: Уништени се куќи и патишта, има и загинати
  • (Видео) Тешка сообраќајка со повеќе возила во Скопје
  • Трамп со ултиматум до Хамас – или договор со Израел или „пекол“ за Газа

Категорија

  • Актуелно
  • Балкан и Свет
  • Вонредни вести
  • Донации
  • Забава
  • Интервјуа
  • Истакнато
  • Магазин
  • Македонија
  • Најново
  • Наш избор
  • Разно
  • Спорт
  • Хороскоп
  • Храна
  • Хроника

Социјални мрежи

  • Facebook

Не пропуштајте

(Видео) „Бог нека е напомош“: Нови снимки од катастрофалните поплави во Бугарија

(Видео) „Бог нека е напомош“: Нови снимки од катастрофалните поплави во Бугарија

03/10/2025
(Видео) САД извршија моќен напад – се претвори сè во оган и чад

(Видео) САД извршија моќен напад – се претвори сè во оган и чад

03/10/2025
(Видео) Библиски потоп во Бугарија: Уништени се куќи и патишта, има и загинати

(Видео) Библиски потоп во Бугарија: Уништени се куќи и патишта, има и загинати

03/10/2025
(Видео) Тешка сообраќајка со повеќе возила во Скопје

(Видео) Тешка сообраќајка со повеќе возила во Скопје

03/10/2025

КОНТАКТИРАЈ СО НАС:

info@gladiatorvesti.mk

Најново

  • (Видео) „Бог нека е напомош“: Нови снимки од катастрофалните поплави во Бугарија
  • (Видео) САД извршија моќен напад – се претвори сè во оган и чад
  • (Видео) Библиски потоп во Бугарија: Уништени се куќи и патишта, има и загинати
  • (Видео) Тешка сообраќајка со повеќе возила во Скопје
  • Трамп со ултиматум до Хамас – или договор со Израел или „пекол“ за Газа

Пребарај

  • Македонија
  • Балкан и Свет
  • Спорт
  • Магазин
  • Најново
  • Донации
  • Facebook
© Copyright 2025 Gladiator - Powered by dbT18 | DarkNews by AF themes.