
Фото: Gordana Siljanovska Davkova
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска учествуваше на Годишниот самит на Конкордија во Њујорк, каде што во своето обраќање истакна дека процесот на проширување на Европската унија е клучен за одржување на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа.
Таа порача дека земјите од Западен Балкан мора да добијат јасна европска перспектива, бидејќи тоа претставува не само политичка и економска, туку и безбедносна гаранција за целиот регион.
Во своето излагање, Сиљановска-Давкова ја нагласи и важноста од продлабочена регионална соработка и солидарност меѓу балканските држави, потенцирајќи дека само со заеднички напори може да се надминат предизвиците и да се забрза интеграцијата во европското семејство.
„Ако сакаме да бидеме дел од ЕУ, мора да се поддржуваме меѓусебно. Како можеме да очекуваме разбирање од Унијата, ако не се разбираме меѓу себе? Шведска, Данска и Норвешка го направија тоа за балтичките земји – нивната поддршка беше апсолутна и резултатите се видливи. За жал, кај нас често гледаме блокади и вета. А за членство е потребен консензус – доволно е една земја да се противи и процесот застанува“, кажа претседателката.