
Фото: Горан Герасимовски
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека заедно со екипите на општинските хигиеничари синоќа до доцна по полноќ се работело на расчистување на натрупаниот отпад околу контејнерите на повеќе локации во општината.
Во својата објава, Герасимовски упати критика до ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје, наведувајќи дека институциите повторно не ги исполниле своите обврски и го оставиле градот затрупан со смет.
„Синоќа, до доцна по полноќ, заедно со екипите на нашите хигиеничари го расчистувавме натрупаниот смет околу контејнерите во повеќе локации низ Центар. Иако ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје повторно потфрлија и го оставија целиот град затрупан во смет, ние не дозволуваме проблемите да останат на грбот на граѓаните.
Продолжуваме динамично колку што ќе стигнеме да исчистиме за да ги средиме сите населби, една по една. Се надевам дека градската власт конечно ќе си ги преземе обврските и ќе го направи градот почист. Ако не, ние повторно ќе ја завршиме работата за Центар да биде чист и безбеден за сите“, објави Герасимовски.