
Фото: Принтскрин
Три руски борбени авиони „МиГ-31“ во петокот навлегоа во естонскиот воздушен простор над Финскиот залив, што предизвика остра реакција од Талин и неговите сојузници во НАТО. Според естонските власти, леталата останале во воздушниот простор околу 12 минути без никакво одобрение.
Москва ги негираше обвинувањата, но естонската страна оцени дека станува збор за сериозно нарушување на националниот суверенитет. По инцидентот, Естонија побара активирање на консултации согласно Членот 4 од Северноатлантскиот договор, што ѝ овозможува на секоја членка да свика разговори доколку се чувствува загрозена нејзината безбедност.
Министерот за одбрана на Естонија, Хано Певкур, изјави дека реакцијата на НАТО е јасен показател дека алијансата е подготвена дури и за крајни мерки доколку биде потребно.
„Во петокот видовме дека НАТО функционира многу ефикасно… дури и до точка на подготвеност за употреба на сила, доколку бидеме принудени на тоа“, изјави Певкур.