
Фото: Принтскрин
Жена на 61-годишна возраст од кочанскиот регион пријавила во полиција дека станала жртва на долгогодишна измама, во која изгубила 4.000 евра. Осомничен е 59-годишниот П.Г., кој ѝ ветувал дека ќе ѝ помогне да оствари право на пензија преку свои „врски“ во Скопје
Според полициската пријава, измамата започнала уште во октомври 2020 година. Тогаш осомничениот ја уверил жената дека преку свои пријатели може да ѝ овозможи пензија. Во текот на наредните три години, сè до декември 2023 година, таа внимателно подготвувала документација и, убедена во неговите ветувања, му ја предала бараната сума од 4.000 евра.
По добивањето на парите, П.Г. продолжил да одржува повремена комуникација со оштетената во текот на целата 2024 година, оставајќи впечаток дека процесот е во тек. Но, по декември истата година, престанал да одговара на нејзините повици и да се јавува назад, што кај жената предизвикало сомнеж дека е измамена. Конечно, таа решила случајот да го пријави во полиција.
Полицијата го документирала настанот и презема мерки за расчистување на случајот, по што против П.Г. ќе следуваат соодветни кривични постапки.