
Ова лето, туристите на грчкиот полуостров Халкидики се соочуваат со неочекувани „гости“ на плажите – шакалите. Посебно на вториот крак, Ситонија, кој е познат по густите шуми, жителите и туристите сè почесто забележуваат овие животни.
На социјалните мрежи кружи видео од плажа каде шакал ноќе мирно поминува меѓу лежалките, без никаква агресија и без страв од луѓето кои го снимаат. Туристите велат дека често навечер слушаат завивање налик на волци во околните шуми.
Од туристичките агенции што носат посетители во регионот потврдуваат дека вакви средби се ретки, но годинава зачестија. Покрај шакали, во Ситонија може да се сретнат и лисици, диви свињи, па дури и волци.
Биолозите предупредуваат дека животните се приближуваат до населените места во потрага по храна, бидејќи во летната сезона останува многу ѓубре покрај плажите. Тие додаваат дека шакалите веќе не се толку плашливи и полесно се навикнуваат на присуство на луѓе.
Шакали има и во Македонија, во повеќе региони покрај Вардар и шумските предели. Иако долго време се сметаа за исчезнати, нивната популација повторно се стабилизираше во последните две децении.