
Фото: Принтскрин
Во мај годинава во Будва се случи трагедија за време на парасејлинг во која животот го загуби 19-годишната Тијана Р. од Србија. Денеска српскиот весник Блиц објави аудио-снимка од разговорот на двајцата скрипери веднаш по несреќата, која фрла ново светло врз настанот.
На снимката се слуша како скриперите сфатиле дека четири минути и 45 секунди управувале со глисерот, додека седиштето на падобранот било празно. Во глисерот се наоѓале српски и турски државјанин, кои во паника реагираат откако забележуваат дека девојката исчезнала.
На почетокот од разговорот, преку силната музика и звукот на моторот, еден од скриперите почнува да вика и да пцуе на англиски јазик:
„Нема девојка, кога падна?!“ – извикал српскиот државјанин, додека неговиот колега одговарал: „Не знам.“
Во продолжение, во паника му се јавува на лице по име Немања, објаснувајќи дека „девојката паднала од падобранот“ и дека не знаат ниту дали е жива. „Брате, падна девојка од воздух, дали е воопшто жива?!“ – се слуша на снимката.
Во разговорот двајцата се прашуваат дали некој можеби веќе ја извлекол од морето. „Кој ја извади? Каде е таа?“ – во вознемирен тон прашува српскиот скрипер, додека неговиот колега тврди: „Жива е.“
Кон крајот на снимката се слуша и дискусија околу мемориската картичка за која се претпоставува дека содржи видео од возењето на Тијана. „Дојди, дали ја извади картичката?“ – прашува Србинот. „Ја извадив,“ одговара Турчинот, по што добива упатство: „Склони ја некаде, мораме да ја погледнеме. Но ако некој праша – немаме ништо, разбра ли?“
Снимката, која Блиц ја објави денеска, предизвикува сериозни прашања за одговорноста на скриперите, но и за тоа дали дел од доказите биле намерно прикриени.