
Фото: Принтскрин
Безбедносните служби во Полска успеале да неутрализираат дрон кој летал над владините згради во центарот на Варшава, а по акцијата биле уапсени двајца белоруски државјани, објави премиерот Доналд Туск.
„Пред малку, службите за безбедност го соборија дронот кој се движеше над владината зграда на улицата Паркова и над палатата Белведер“, напиша Туск на социјалната мрежа „Х“.
Инцидентот се случил во услови на зголемена безбедносна готовност во земјата, откако минатата недела група руски дронови навлезе во полскиот воздушен простор – што претставуваше најголем ваков упад од почетокот на војната во Украина.
Тогаш западните борбени авиони за првпат од почетокот на конфликтот соборија руски дронови, предизвикувајќи нов бран загриженост во регионот кој живее во сенка на можен судир уште од 2022 година, кога Москва ја започна целосната инвазија врз Украина.